Министрите за економија во еврозоната предупредија на ризик од рецесија како резултат на „вториот бран“ на пандемијата на коронавирусот и повикаа на фискална политика приспособена на растот. Еврокомесарот за економија Паоло Џентилони, по видеоконференцијата на Еврогрупата во вторникот пред полноќ, изјави дека заострувањето на ограничувачките мерки ќе има влијание врз економската активност. Тој се надева дека економскиот шок ќе биде послаб отколку во „првиот бран“ на пандемијата минатата пролет.
– Компаниите и вработените се подобро подготвени да работат од далечина, но во исто време постои неизвесност за времетраењето на вториот бран – изјави тој, додавајќи дека секторот за услуги, а особено туристичкото сместување, културата и слободното време, ќе бидат најтешко погодени од пандемијата.