Рекордните хоспитализации и зголемениот број жртви не ги спречија Американците да патуваат за Денот на благодарноста, зголемувајќи ги стравувањата дека сегашното неконтролирано ширење е увертира за полош бран за Божиќ. Дневните смртни случаи во САД од ковид-19 надминаа 2.000 првпат од мај, а хоспитализациите достигнаа рекордни 87.000 во вторникот. Само во последните две недели земјата регистрира 2,3 милиони нови инфекции. Како што пренесува РСЕ, сега се стравува дека бројките во наредниот период ќе се зголемуваат поради тоа што милиони Американци не ги почитуваа официјалните предупредувања и патуваа за Денот на благодарноста. Д-р Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергија и инфективни болести, ги повика луѓето на Денот на благодарноста да се собираат во мали групи, да носат маски и да одржуваат растојание, особено во затворен простор. Избраниот претседател на САД, Џо Бајден, во обраќањето до нацијата пред Денот на благодарноста ги повика Американците да ги удвојат своите напори за борба против коронавирусот. Во меѓувреме, слично како и во САД, повеќе европски лидери побараа од граѓаните да не патуваат и да не се собираат во поголеми групи за време на претстојните божиќни празници.