Животот со пандемијата во светот продуцира редица глобални политички скандали, го засили темпото на корупцијата, а сето тоа придонесе да се намалат рејтингот и довербата кај светските лидери

Грешките со справувањето на корона-кризата, но и аферите со корупција и перење пари, драстично им ги намалија популарноста и довербата на светските лидери на глобално ниво. Анкетите за рејтинзите на политичарите во земјите на двете страни од Атлантикот периодов говорат дека се зголемува недовербата на луѓето кон нивните лидери, кои наместо да покажат стручност и професионалност во работата, го заобиколуваат интересот на јавноста.

Половина од Американците не му веруваат на Бајден?

Последна од низата вакви анализи на оваа тема е и овонеделната на американските медиуми, кои посочуваат дека само по девет месеци на функцијата претседател на САД, Џо Бајден ја губи довербата кај Американците. Имено, во серијата национални анкети спроведени минатата недела на прашањето дали Белата куќа добро се справува со предизвиците на земјата, вкупно 49,2 проценти од анкетираните гласачи не го одобруваат начинот на кој претседателот Бајден ја извршува својата функција.
Опаѓачката популарност на Бајден, според Белата куќа, е последица на пандемијата на коронавирусот, но и на политиките околу повлекувањето на трупите од Авганистан.
– Сѐ уште се бориме со коронавирусот, многу луѓе мислеа дека ќе го победиме, но сѐ уште не успеваме – соопштија од Белата куќа.

И кај Европејците расте недовербата кон нивните лидери

Во меѓувреме, слична е состојбата со довербата на политичарите и кај граѓаните на европска почва. Германски „Дојче веле“ наведува дека последните случувања во Австрија и наводната вмешаност на поранешниот канцелар Себастијан Курц во корупциска афера не само што му го намалија личниот рејтинг на политичарот туку довербата во институциите на системот падна како никогаш досега.
Слично како Австријците, и Французите сѐ помалку им веруваат на нивните политичари. Во земјата се дискутира за заднината на енергетската криза, а во центарот на критиките се широките претседателски овластувања.
На другата страна на светот, истражување на институтот „Морнинг консалт“, направено неодамна, посочува дека индискиот премиер Нарендра Моди и натаму важи за политичар со највисок рејтинг меѓу светските лидери. Сепак, според истражувањето, популарноста на Моди, како и кај другите светски челници, бележи пад од 20 отсто во однос на јануари годинава и над 30 отсто во однос на мај лани.
Со одолжувањето на корона-кризата настрадаа рејтинзите и на другите светски лидери во 2021 година. Па, така, институтот „Морнинг консалт“ бележи пад на рејтингот и кај мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор. Тој, според анкетата, на крајот на април имал доверба кај 27 отсто од граѓаните, што е пад за 11 отсто во споредба со лани, додека државата се наоѓа на четвртото место во светот по смртност од ковид-19.
Во исто време, пак, британскиот премиер Борис Џонсон е исклучок од правилото, бидејќи неговиот рејтинг периодов се зголеми за 17 отсто, по силниот бран на ширење на британската мутација на вирусот и успешната вакцинациска програма во земјата. Германската канцеларка во заминување Ангела Меркел во истражувањето на „Морнинг консалт“ се наоѓа нешто пред Џонсон, иако нејзиниот рејтинг константно е во опаѓање, додека постепено се смирува последниот бран на пандемијата во земјата.

Во светот најголема доверба има во лекарите

Паралелно со ова, интересно истражување на институтот за комуникациски студии „Ипсос“ за Глобалниот индекс на доверба (ГИД) објавено периодов покажува дека за време на пандемијата во светот, најголема доверба има во лекарите, научниците и професорите, додека кај политичарите најмалку. Според анализата на „Ипсос“, која е направена во 28 земји, просечно 64 отсто од анкетираните сметаат дека лекарите се доверливи, а потоа следуваат научниците со 61 отсто и наставниците со 55 отсто. Анализата покажа дека единствено 10 отсто од анкетираните се убедени дека треба да им се верува на политичарите.
Германската новинарка Гислен Отенхајмер, коментирајќи го феноменот за падот на рејтинзите на политичарите и светските лидери за време на пандемијата, во изјава за медиумите истакна дека тоа е резултат на сеопштата криза што владее во светот.
– Стопанството, образованието, културата, националната свест, речиси сѐ во Европа западна во криза. Кон сето тоа, во последно време доаѓа и кризата на доверба во политиката. Сеедно кого ќе изберат во својата земја, на Европејците не им е подобро. Тоа е така бидејќи на политичките и економските институции во светот им недостигаат легитимитет, кредибилитет и веродостојност. Тоа го дестабилизира целото општество и нѐ води во сериозна криза – заклучува Отенхајмер.