Фон дер Лејен најави геополитичка Европска комисија и ЕУ

Новата Европска комисија во првите сто дена очекуваше да се справува со брегзит и со новиот буџет,
ама не и со пандемија на коронавирус или со нова потенцијална војна на Блискиот Исток

СТО ДЕНА ОД МАНДАТОТ НА НОВАТА ЕВРОПСКА КОМИСИЈА

Лидерите на ЕУ очекуваа разни пречки во првите 100 дена, но сигурно не очекуваа глобална пандемија на коронавирус или нова војна на Блискиот Исток. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и остатокот од раководството на ЕУ никогаш не помислија дека нивните работни места ќе бидат лесни. Но откако поставија низа цели за првите 100 дена, рок што измина во понеделникот, тие сигурно брзо открија колку брзо Брисел може да се најде не само во кризен режим туку и во целосно неистражена територија со непредвидливи случувања, за кои нема претходно договорени правила како да се смири хаосот.

Никој во Брисел не очекуваше дека на 93-от ден, ЕУ ќе мора да бара итна реакција на вирусот што од Кина се прошири на глобално ниво, предизвика епидемија и милионски карантин во Северна Италија, а сега се заканува да создаде економски хаос во целиот свет. Исто така, во Брисел не очекуваа дека европското раководство 94-от ден ќе го мине во хеликоптер и ќе патува до турско-грчката граница, за да инсистира дека меѓународните конвенции за азил ќе мора да бидат ставени во втор план за да се обезбеди робустноста на тврдината Европа, посочува магазинот „Политико“.

– Кога луѓето прават планови, бог се смее – изјави Јоргос Кумутсакос, заменик-министерот на Грција за миграција и азил, кој минатата недела беше на вонредна средба во Брисел по ескалирањето на состојбата со мигрантите на турско-грчката граница.
Големиот број кризи можеби ги имунизираа лидерите на ЕУ од некои критики дека сѐ уште не постигнале доволно во првите сто дена. На почетокот од мандатот, најпредвидливите извори на нестабилност во ЕУ, заминувањето на Британија од ЕУ (63-ти ден) и формалното почнување на жестока расправа за следниот долгорочен буџет на ЕУ (82-от и 83-от ден), беа оценети како проблеми главно ставени под контрола.

Од друга страна, новите лидери на ЕУ сигурно не ја очекуваа ликвидацијата на иранскиот генерал, Касем Сулејмани, со американски беспилотни летала (34-от ден), што предизвика нов хаос, неизвесност и можност од нова војна на Блискиот Исток. Тоа претставуваше ран тест за самопрогласената „геополитичка комисија“ на Фон дер Лејен.
Лидерите на ЕУ, исто така, не ја предвидоа потребата да присуствуваат на нова мировна конференција во Берлин за војната во Либија (50-от ден), или да реагираат на оставката на избраната наследничка на Ангела Меркел, Анегрет Крамп-Каренбауер, која реши дека не сака да ја преводи владејачката партија и не сака да биде нова германска канцеларка (72-от ден), со што ја фрли во политичка неизвесност најбогатата земја во ЕУ.

Во тој контекст, 95-от ден можеби беше донекаде предвидлив, бидејќи Комисијата го претстави предложениот закон за климатските промени, кој претставува централен дел од т.н. европски зелен договор. Иако предлогот наиде на многу критики, тој барем претставуваше исполнето ветување во првите 100 дена на новата Европска комисија.
Комисијата, исто така, успеа да се фокусира и на дигиталните проблеми, што беше втор нејзин најголем политички столб по борбата со климатските промени. Таа објави дигитален патоказ за наредните пет години, стратегија за заштити податоци и бела книга за вештачка интелигенција.
Останува да се види дали Комисијата ќе успее да ги спроведе овие иницијативи во Европскиот парламент и во Европскиот совет. На крајот, квалитетот на предлозите во голема мера ќе го оценат законодавците во Брисел и лидерите на ЕУ во европските престолнини, чија поддршка ќе биде потребна во наредните месеци.
Ерик Мамер, портпарол на претседателката на Комисијата, нагласува дека Фон дер Лејен и нејзиниот тим биле доволно мудри за тежината на јавните функции за да не се изненадуваат од неизбежните изненадувања во првите сто дена.

– Во свет што е толку меѓусебно поврзан, очекувано е надворешните случувања и непредвидените кризи да влијаат на агендата од првиот ден. Комисијата покажа дека може да дејствува брзо и ефикасно. Ниту еден надворешен настан не нѐ спречи да напредуваме во нашата политичка агенда – тврди тој.
Европратениците, како Дита Чаранзова од Чешка и Филип Ламбертс од Белгија, велат оти се свесни дека не може толку многу да се постигне за толку краток период, но дека Комисијата ќе мора да го засили темпото во наредните месеци. Додека креаторите на политики се скептични во однос на вредноста на стодневните цели, лоби-групите гледаат можност да ги остварат своите агенди.

На пример, „Еуроситис“, организација во Брисел за поврзување на повеќе од 140 општини во Европа, почна проект наречен „100 дена, 100 начини“, објавувајќи по една идеја на ден за справување со големите политички предизвици. Ана Лиза Бони, генерална секретарка на групата, вели дека „Еуроситис“ е задоволна од идеите што Комисијата ги промовирала во првите месеци бидејќи ги поставила „вистинските приоритети“, климатските промени, дигиталните услуги, општествените промени и имиграцијата.


Разочарана од првата, Македонија претпазливо ја чека наредната стотка

Македонија лани очекуваше датум, ама не го доби поради француското вето. Сега земјата одново се надева дека ќе добие зелено светло, барем во наредните сто дена влада на ЕУ

Македонија во првите сто дена на новата Европска комисија повторно остана без датум и само со надежи дека во наредните сто дена конечно ќе добие зелено светло да ги почне преговорите за членство со ЕУ. Такви сигнали деновиве одново пристигнаа од Брисел откако Комисијата повторно даде позитивна порака за почеток на преговорите и сега се чека Советот на ЕУ да даде позитивен одговор. За такво нешто се залага и Хрватска, која претседава Советот на ЕУ и која нагласи оти очекува европски консензус за Македонија.

Некои од домашните експерти сметаат дека овој пат, можеби, има пореални очекувања за датум, но истовремено нагласуваат дека нема гаранции за позитивна препорака. Во меѓувреме се појавија шпекулации и дека ширењето на коронавирусот би можело да го одложи датумот за Македонија, бидејќи епидемијата ја парализира работата на Европскиот совет, кој препорача ограничување на бројот на состаноци на разните групи и тела.

Магазинот „Политико“, кој ја анализира успешноста на политичките ветувања на Европската комисија во првите дена, на следниот начин ја коментира политиката на проширување на извршното тело на ЕУ. Во однос на ветувањата, Комисијата и нејзиниот еврокомесар за проширување добија задача да претстават нова методологија за проширување, откако францускиот претседател Емануел Макрон стави вето на проширувањето на Македонија и Албанија.

Во однос на исполнувањето на ветувањата, самиот Макрон изјави дека Комисијата направила „одлична работа“. Другите членки на ЕУ се главно задоволни, но планот сѐ уште треба да биде одобрен од Советот на ЕУ. Кога станува збор за шансите на успех, „Политико“ посочува дека допрва треба да се види дали новата методологија во блиска иднина ќе претрпи измени и дали Франција и другите скептици, како Холандија и Данска, на крајот ќе им дадат зелено светло на Македонија и на Албанија за почнување на преговорите со ЕУ.