Поради пандемијата на вирусот и нестабилната економска ситуација, многумина од американските експерти можат да се најдат на „шпионска јадица“ на руските и на кинеските разузнавачки служби, што истовремено може да придонесе да се случи и „одлив на мозоци“ надвор од САД. Ова е констатацијата на Скот Стјуард, потпретседател на американските приватни разузнавачки агенции, кој ја дал за анализа на „Стратфор“.

Според неговите зборови, иако се чини дека агентите во овие околности се лишени од можноста да ја вршат својата работа, да се сретнуваат со извори или да воспоставуваат контакти со целни групи, токму економската криза може да биде причината поради која ќе се отвори можност руските или кинеските надворешни разузнавачки служби да врбуваат нови агенти во своите редови од американска почва. Во свој осврт на настаните, белградскиот весник „Вечерње новости“ и српскиот сервис на агенцијата „Спутник“, цитираат изјава на Лав Королјков, ветеран на странското разузнавање, кој вели дека во светот на разузнавачите сѐ е можно.

– Разузнавачките служби, независно дали тие потекнуваат од западните земји или од Русија и од Кина, секогаш настојуваат да дојдат до неопходни информации од научно-техничка природа или од одбранбена. Оваа состојба може да понуди можност сето тоа да биде искористено за да се соберат информации од затворени лаборатории и од експерти, кои работеле на чувствителни теми и области од тајни проекти што се дел од биолошки или од хемиски оружја – изјавил Королјков.