Јужна Кореја го потврди првиот смртен случај од коронавирус, додека властите упатија апел до жителите на Даегу да останат дома. Претходно, јужнокорејските власти соопштија дека се потврдени вкупно 82 случаи на заболени од вирусот во државата, пренесуваат светските медиуми.

Градоначалникот на Даегу Квон Јунг-џин се обратил на телевизиска прес-конференција откако градот со два и пол милиони жители и околните места објавија информација за 35 дополнителни случаи на инфицирани од коронавирус.

Квон нареди затворање на сите градинки и јавни библиотеки, откако Јапонија објави дека двајца јапонски патници заразени на крузерот „Дајмонд принцес“ починале во карантин.

Еден од патниците починал од коронавирус, а другиот починал од пневмонија, се вели во извештаите. И двајцата биле на 80-годишна возраст и во лоша здравствена состојба.