Бројката на починати од коронавирусот во Кина надмина 100. Според најновите податоци се работи за 106 смртни случаи, а во меѓувреме се забележани 1.770 нови заразени, соопштија денеска кинеските власти.

Забраните за патување и носење заштитни маски се уште по затегнати во моменти кога бројот на заразени речиси е двојно зголемен. Вкупниот број на заразени изнесува 4.515.

Вчера во Пекинг беше забележан првиот смртен случај од коронавирусот. Станува збор за 50-годишен маж кој престојувал во градот Вухан, жариштето на вирусот.

Во меѓувреме, Монголија, Северна Кореја и Киргистан соопштија дека ги затвораат нивните граници со Кина, додека Хонг Конг и Малезија објавија дека забрануваат влез за посетители од кинеската провинција каде што за прв пат се појави овој опасен вирус. Вчера Германија потврди дека го регистрирала првиот случај со короновирус кој има слични симптоми како грипот и може да се пренесува директно меѓу луѓето.


Јапонија ќе испрати авиони во Кина за 200 свои државјани

Јапонија денеска ќе испрати чартер лет кон кинескиот град Вухан за да врати околу 200 граѓани, соопшти Владата во Токио. Според соопштението, ќе бидат испратени и доктори, медицински сестри и службеници за карантини, со цел јапонските државјани да бидат прегледани во авион, соопшти Министерството за здравство.

Предвидено е авионот да се врати во Јапонија во среда, изјави министерот за надворешни работи Тошимитсу Мотеги.

Со оглед на тоа што вкупно 650 Јапонци од Вухан сакаат да се вратат во својата земја, јапонската Влада ќе испрати повеќе летови за да ги однесе дома, информира Мотеги.