Претседателот на САД, Доналд Трамп, е позитивен на тестот за коронавирус и ќе замине во карантин само еден месец пред претседателските избори на 3 ноември. Трамп изјави дека тој и првата дама Меланија Трамп биле позитивни на ковид-19 и ќе се обидат да закрепнат.
– Ние ќе ги започнеме карантинот и процесот на заздравување веднаш – напиша Трамп на Твитер викендов.
Не е јасно какви симптоми имаат претседателот и првата дама во оваа рана фаза.
– Претседателот и првата дама се добро во овој момент и тие планираат да останат дома во Белата куќа за време на нивното заздравување – изјави лекарот на претседателот, Шон Конли. Според Центарот за контрола на болести, едно лице обично развива симптоми пет дена по заразувањето, но симптомите може да се појават веќе два дена по инфекцијата. Инфекцијата на Трамп со вирусот ја зголемува можноста дека други во неговиот непосреден круг и на највисоките нивоа на Владата биле изложени и дека ќе треба да се стават во карантин. Засега не е јасно како планира Трамп да ја води кампањата на само еден месец до изборите на 3 ноември. Трамп има 74 години, што го става во поголем ризик од сериозни компликации од вирусот. Врз основа на неговата моментална висина и тежина, тој исто така се смета за дебел и со поголем ризик од вирусот.