Милиони луѓе во Уганда престанаа да употребуваат Интернет поради новонаметнати даноци за користење на социјалните мрежи, пренесува „Гардијан“.

Дневните давачки се определени за 60 платформи на Интернет, вклучувајќи ги Фејсбук, Ватсап и Твитер, а за нивната употреба луѓето во Уганда треба да плаѓаат данок од 200 угандски шилинзи (3 денари) дневно.

Според Комисијата за комуникации во Уганда, по првите три месеци откако овој данок бил воведен, бројот на Интернет корисниците падна за 2.5 милиони корисници.

Претседателот на Уганда Јовери Мусевени изјави дека воведувањето на ваквиот данок за користење на социјалните мрежи е начин да се казнат граѓаните поради последиците кои се предизвикани од „онлајн озборувањата“.

Критичарите го опишаа овој данок како обид да се ограничи слободата на говорот, а предупредија дека тој ќе има големи последици врз економијата и провајдерите на интернет во земјата.

– Социјалните медиуми станаа голем извор за добивање на политички информации во земјата. Зголемената изложеност на информации преку Интернет беше причина граѓаните на Уганда да бидат повеќе критични настроени кон политичката состојба во земјата – вели Ирина Икому од Комисијата за комуникации во Уганда.

Во 2016 година, Мусевени издаде наредба сите социјални мрежи да бидат исклучени за време на изборите со цел да го спречи ширењето на информациите.

– Со помалку од две години до следните избори, а со потврда дека претседателот Мусевени ќе се кандидира за уште еден мандат, можеме да очекуваме уште рестрикции на слободниот проток на информациите и користењето на Интернет во земјата – изјави Икому.