Лидерот на опозициската британска Лабуристичка партија, Џереми Корбин изјави дека понудата на британската премиерка Тереза Меј да поднесе оставка во замена за поддршка на нејзиниот план за Брегзит пред Парламентот, покажува дека сѐ се сведува околу партиските, а не околу државните интереси.

– Ветувањата на Меј кои им ги даде пратениците конзервативци дека ќе се повлече од функцијата доколку гласаат за нејзиниот договор, покажува еднаш засекогаш дека нејзините хаотични преговори за Брегзит се однесуваат на партискиот менаџмент, а не на принципите и на државните интереси – напиша Корбин на Твитер.

Меј претходно синоќа истакна дека е подготвена да поднесе оставка, со цел да овозможи нејзиниот предлог за спроведување на Брегзит да добие поддршка во Парламентот.

– Потребно е да постигнеме договор и да го спроведеме Брегзит – нагласи британската премиерка во своето ображање пред Парламентот.

Во соопштението од нејзиниот кабинет се наведува дека „таа била подготвена да ја напушти премиерската позиција порано од планираното, со цел да се направи она што е неопходно за земјата и за партијата“.