Протестот на Колин Каперник (десно) ја подели американската јавност

Татко го застрелал синот откако се скарале на Денот на благодарноста, поради случајот со играчите на американски фудбал кои во знак на протест клекнуваат во текот на интонирањето на американската химна, на натпреварите во НФЛ-лигата. Станува збор за контроверзно движење поттикнато од Колин Каперник во 2016 година, кое ја подели јавноста во САД, пренесува британски „Индепендент“.

– Естебан Марли Валенсија бил погоден во ногата и раката, но неговите повреди не биле сериозни по живот  – соопшти полицијата во Гери, Калифорнија.

Таткото на застреланото момче, Хорхе Валенсија Ламадри бил уапсен и обвинет за тежок напад. Пукањето се случило откако неговите двајца синови почнале да се караат поради фудбалерите кои клекнуваат за време на националната химна. За време на караницата Хорхе барал тие да го напуштат неговиот дом, по што во турканицата тие почнале да ги превртуваат и растураат предметите од куќата, а Хорхе го застрелал својот син со пушка, откако бил удрен со шише во лицето. Хорхе Ламадри е пуштен од притвор, откако платил 50 илјади долари за кауција.

Протестот ги подели САД и го разгневи американскиот претседател Доналд Трамп кој упати навреди кон играчите на американски фудбал кои не ги почитуваат химната и американското знаме и побара тие да бидат избркани од НФЛ-лигата. 

Каперник не настапува во НФЛ од минатата година и ја тужи лигата, обвинувајќи ги сопствениците на клубовите оти намерно не го ангажирале поради неговиот активизам.