Родителите на Медлин Мекен одбија да учествуваат во документарниот серијал

Долгоочекуваниот документарен серијал за случајот на Медлин Мекен беше објавен денеска од „Нетфликс“, наспроти противењето од семејството на исчезнатото девојче, и поделените мислења за начинот на кој е снимена програмата, пренесува „Ајриш тајмс“.

Американската компанија првобитно го закажа објавувањето на серијалот за 2017 година, но емитувањето на осумте едночасовни епизоди беше одложувано во повеќе наврати што покрена шпекулации за содржината на документарната програма. 

Родителите на исчезнатата Медлин одбија да учествуваат серијалот и апелираа до своите блиски да не се појавуваат во документарецот.  

Лондонската компанија „Пулс филмс“ што го снимаше документарецот за потребите на „Нетфликс“, разговараше со повеќе од 40 лица, меѓу кои и со португалските власти кои првобитно го истражуваа случајот. Се шпекулира дека снимањето на една епизода го чини „Нетфликс“ 1,1 милиони евра.

Тогаш тригодишната Медлин Мекен исчезна од апартман во португалското летувалиште Праја до Луш на 3 мај 2007 година, додека нејзините родители Кејт и Гери биле на вечера во ресторан во близина.

Британската полиција покрена истрага во 2011 година, откако португалските власти не успеаја да дојдат до одговори во случајот. Досега се потрошени вкупно 13,75 милиони евра за финансирање на напорите за пронаоѓање на девојчето, но нема конкретни одговори ниту по 12 години од нејзиното исчеснување. Финансирањето на истрагата е предвидено до крајот на месецов.