Ебрахим Раиси (60) е поздравен како новиот претседател на Иран откако неговите тројца главни ривали му честитаа на победата на изборите, а прелиминарните резултати покажаа оти обезбедил 17,8 милиони гласови што е за 14,5 милиони повеќе во однос на најблискиот конкурент, објави „Гардијан“.

По преброени 90 отсто од гласовите, иранските власти соопштија дека гласале 28,6 милиони луѓе. Се очекува официјалните резултати да бидат објавени подоцна во текот на денов, но изгледа оти Раиси обезбедил повеќе од 50 отсто од гласовите, кои му се потребни за да биде избран.

Неговата победа означува дека сите извршни гранки на владата се под контрола на конзервативците, ставајќи крај на дуализмот од изминатите осум години, кога сегашниот претседател во заминување Хасан Рохани се најде спротивставен на Исламската револуционерна гарда и на конзервативното свештенство.

Во телевизиски говор, Рохани го призна „претседателот избран од народот“, без да го именува, велејќи дека „ги одложува официјалните честитки бидејќи не се објавени официјалните резултати, но јасно е кој ги добил гласовите“.

Пораките кои Раиси ги доби сугерираат дека оспорувањето на гласањето, што остави трага врз претходните изборни циклуси, не е веројатно при сегашниот изборен процес.

– Изборот е консеквентен бидејќи се очекува конзервативното помирување на институциите кое не е видено уште од изборот на неоконзервативниот претседател Махмуд Ахмадинеџад во 2005 година. Конзервативната победа под водството на водечкиот кандидат Ебрахим Раиси ќе го отвори патот за поширок внатрешен консензус за домашните реформи во подготовка на изборот за наследник на врховниот лидер и веројатно ќе овозможат поголема решителност за позицијата на Техеран при ангажманот во меѓународната дипломатија во Виена и пошироко. Победата на Раиси негативно се одразува за какви било значителни трендови за либерализација и ја покажува довербата на конзервативниот политички естаблиштент во спроведувањето на својата агенда – вели Санам Валики, заменик-директорот на програмата за Блискиот Исток во лондонскиот тинк-тенк „Чатам Хаус“.

Изборот на Раиси веројатно ќе ги одблокира преговорите во Виена, врз основа на условите за враќање на Вашингтон на нуклеарниот договор и за враќањето на Иран кон обврските од спогодбата. Иранските власти во текот на кампањата инсистираа дека постои внатрешен консензус во однос на преговарачката позиција на државата и оти изборот на Раиси нема да влијае врз позицијата.

Разговорите помеѓу Иран, Русија, Кина и три европски држави беа во застој, во очекување на исходот од изборите. Раиси нема да ја преземе должноста од администрацијата во заминување до следниот месец, а преговорите во Виена ќе продолжат пред тој да стапи на функцијата.