Европската Унија постигна компромис за новата буџетска рамка за периодот од 2021 до 2027 година, вреден вкупно 1,825 милијарда евра, и за пакетот за заздравување од коронавирусот

По речиси пет месеци минати во препирки и блокади, лидерите на ЕУ се договорија за деблокирање на буџетот на Унијата, вреден вкупно 1,825 милијарда евра, и за пакетот за заздравување од коронавирусот. Тоа немаше да се случи без компромисот што Германија периодов го направи со Унгарија и со Полска. Ваквиот чекор се смета за витален момент за тешко погодената економија на Унијата, откако буџетот беше блокиран со месеци од Унгарија и од Полска поради одредбите на Унијата што се поврзуваа со почитувањето на владеење на правото во ЕУ.
– Сега можеме да почнеме со имплементација и да ги градиме нашите економии – напиша на Твитер претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, за време на самитот во Брисел, без да ги открие деталите за договорот.

Унгарија и Полска
здружено против Брисел

Во меѓувреме, Варшава и Будимпешта со месеци го блокираа усвојувањето на многу очекуваниот пакет, составен од план за трошење од 2021 до 2027 година и стимулативен фонд од 750 милијарди евра, во спорот за новиот механизам за врзување на пристапот до фондовите на ЕУ со владеење на правото. И Полска и Унгарија, кои се под истрага на ЕУ за нарушување на независноста на судството, медиумите и невладините организации, со недели протестираа дека ова е идеолошко мешање во нивните внатрешни работи, со што го одложуваа носењето на европскиот буџет со месеци.

Германија клучна за договорот

Во исто време, германското претседателство со ЕУ се чини дека беше главно во постигнувањето на компромисот со Варшава и со Будимпешта, но пред самитот не беше јасно дали сите земји-членки на ЕУ ќе го прифатат тоа, наведува РСЕ.
– Ние сме само на еден сантиметар од постигнување консензус – им рече на новинарите унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој заедно со својот полски колега се согласи да се откажат од ветото.
Според „ЕУ обсервер“, компромисот што е предложен од Германија вклучува и дополнителна декларација за разбирање за тоа како ќе работи механизмот, но и начело што укажува дека меѓусебните спорови на државите во ЕУ во иднина ќе се решаваат пред Европскиот суд на правдата (ЕСП), а не во дебатите во Унијата. Инаку, со одблокирањето на новиот буџет на ЕУ, лидерите на Унијата исто така ги распределија средствата и за единствениот пазар за иновации и дигитализација (132,7 милијарди евра), фондот за соседство и свет (98,4 милијарди евра), јавна администрација (73,1 милијарди евра), но и преостанатите средства. Во рамките на фондот за соседство и свет, на земјите што се во процес на евроинтеграции, вклучувајќи ги тука и земјите од регионот што се аспиранти, преку инструментот за претпристапна помош (ИПА) во периодот до 2027 година ќе им бидат на располагање околу 12,5 милијарди евра.


Најмногу пари за Романија, а најмалку за Македонија

Во рамките на фондот за проширување и соседски партнери на ЕУ, за земјите што се во процес на евроинтеграции, вклучувајќи ги и Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, но и другите, преку инструментот за претпристапна помош (ИПА) во периодот до 2027 година на овие држави ќе им бидат на располагање околу 12,5 милијарди евра финансиска помош. Иако засега не е прецизно наведено кои држави колку ќе добијат во наредниот период директна финансиска помош од ЕУ за справувањето со економските последици од пандемијата на коронавирусот, некои новински агенции веќе излегоа со првични информации. Од она што е познато засега, според новата методологија, финансиската помош на Брисел за земјите од Западен Балкан ќе биде поврзана со реформите, особено во областа на владеењето на правото. РСЕ информира дека ЕК, во име на ЕУ, веќе потпишала меморандум за разбирање со Македонија за да го отвори патот за исплата на макрофинансиска помош од 80 милиони евра. Помошта ќе се одвива во неколку транши, а програмата за Македонија е во вредност од 160 милиони евра. Со првична бројка од над 250 милиони евра европски пари за справување со економските последици, Србија доминира во регионот по финансиската помош од ЕУ. Што се однесува за другите земји од регионот што се членки на Унијата, според западните медиуми, тие по одблокирањето на новиот буџет добиваат двојно повеќе финансиска помош од ЕУ во споредба со првите седум години од нивното членство.


Романија (земја-членка на ЕУ) 80 милијарди евра помош од ЕУ
Грција (земја-членка на ЕУ) 32 милијарди евра помош од ЕУ
Бугарија (земја-членка на ЕУ) 29 милијарди евра помош од ЕУ
Хрватска (земја-членка на ЕУ) 22 милијарди евра помош од ЕУ
Словенија (земја-членка на ЕУ) 10,5 милијарди евра помош од ЕУ
Србија (земја-аспирант за ЕУ) над 250 милиони евра помош
Албанија (земја-аспирант на ЕУ) 180 милиони евра за справување со
економските последици
Македонија (земја-аспирант на ЕУ) 160 милиони евра за справување со
економските последици