Ким Јонг-ун ги пофалил локалните власти, давајќи им совети за работата на фармата

Лидерот на Северна Кореја Ким Јонг-ун бил презафатен со посетата на фарма за компир, за да се сретне со државниот секретар на САД Мајк Помпео, сугрерираа државните медиуми од Пјонгјанг, а пренесе сингапурската телевизија „Ченл Њуз Азија“.

Севернокорејските медиуми вообичаено го следат секој чекор на Ким Јонг-ун, но неговото отсуство од тамошните насловни вести во последните седум дена, покрена шпекулации за активностите на севернокорејскиот лидер.

Мистеријата беше решена денеска, кога државната информативна агенција КЦНА објави четири извештаи за патувањето на Ким Јонг-ун до областа Самџијон во близина на границата со Кина, каде што посетил фарма за компир. Тој ги пофалил локалните власти, давајќи им совети за работата на фармата.

Помпео престојуваше во Пјонгјанг во петокот и во саботата, за да разговара за договорот за денуклеаризација постигнат за време на самитот помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Ким Јонг-ун минатиот месец. Белата куќа ја најави средбата на Помпео и Ким Јонг-ун, но таа не се случи за време на престојот на американскиот државен секретар во Северна Кореја.

Помпео соопшти дека разговорите напредуваат, но севернокорејското министерство за надворешни работи ги негираше таквите тврдења. Трамп, пак, преку Твитер истакна дека има доверба оти Ким Јонг-ун ќе го почитува договорот.