Компанија на американскиот претседател Доналд Трамп исполни ветување дадено пред изборите дека профитот од странски влади кои го користат нејзиниот имот ќе го предаде на Министерството за финансии на САД.

Така компанијата му подари речиси 200.000 долари на Министерството за финансии, што е профит од разни забави кои ги организирале амбасади, ноќевања во хотели и други трошоци кои странски влади ги имале во хотели на компанијата во Вашингтон и други објекти, минатата година.

Оваа година доброволната донација изнесува точно 191.538 долари, што е скок од 151.470 долари колку што биле дадени минатата година, односно првата година од претседателствувањето на Трамп.

Според американскиот Устав, на претседателот му е забраненто да прима подароци и исплати од странски влади без дозвола од Конгресот.

Синовите на Трамп, кои ја водат компанијата, изјавија дека ги обесхрабруваат странските влади да трошат во нивните објекти, но не наведоа на кој начин ги „обесхрабруваат“.

Против Трамп досега се поднесени две тужби со кои се терети дека ги прекршил одредбите од Уставот за надокнади.