Американскиот комичар познат како Пелтечивиот Џон се јавил во Белата куќа и се претставил дека е сенаторот Боб Менендез, демократ од Њу Џерси, а претседателот на САД, Доналд Трамп му се јавил два часа подоцна од претседателскиот авион. 

Комичар, чие вистинско име е Џон Мелендез, изјави дека со претседателот разговарал околу три минути и не му кажал дека не е вистински сенаторот Менендез.

Комичарот вели дека со Трамп  разговарал најмалку 20 пати во радио-шоу на Хауард Стерн и не можел да поверува дека претседателот не го познал неговиот глас.

– Јас зборував со мојот сопствен акцент од Лонг Ајленд – вели тој. 

Во разговорот Трамп, кој мислел дека разговара со сенаторот, му честитал за ослободителната пресуда во случај за поткуп. 

Трамп, исто така, разговарал и за соработка за законот за имиграција. 
– Јас сум со хиспанско потекло – му одговорил комичарот.

Мелендез за Си-Ен-Ен вели дека Белата куќа лесно може да го открие неговиот вистински идентитет. 

– Се што требаше да ме прашаат е од која партија е сенаторот Менендез, или која земја претставува во Сенатот, а јас немаше да знам. Сепак, тие не ме прашаа ништо – вели комичарот. 

Белата куќа соопшти дека претседателот Трамп „сака да биде достапен” за членовите на Конгресот и дека понекогаш се случуваат „грешки како таа што се случи”.