Политичкиот новодојденец убедливо триумфира во вториот круг од претседателските избори, победувајќи го главниот ривал, актуелниот украински претседател Петро Порошенко

Политичкиот дебитант Володимир Зеленски убедливо триумфира во вториот круг од претседателските избори, победувајќи го главниот ривал Петро Порошенко. Комичарот Зеленски буквално го растури актуелниот украински претседател, откако ја доби поддршката на 73 отсто од гласачите, наспроти Порошенко, кој освои 24 проценти. Новоизбраниот претседател им порача на Украинците дека нема да ја изневери нивната доверба. Во првото обраќање по соопштувањето на резултатите, Зеленски истакна дека сака да ги рестартира мировните преговори помеѓу проруските бунтовници и украинските сили и доброволци на истокот од земјата. Истовремено, официјална Москва побара од него да покаже разум, искреност и прагматизам, за да може да дојде до подобрување на односите помеѓу Русија и Украина, пренесува Би-би-си.

– Сметам дека ќе има персонални промени. Во секој случај, ќе продолжиме да работиме во насока на мировните договори од Минск и да се доближиме кон склучување примирје – истакна Зеленски, кој е најмногу познат по неговата улога во сатиричната телевизиска серија „Слуга на народот“, во која тој случајно станува украински претседател.

Рускиот премиер Димитриј Медведев порача дека очекува од Зеленски да ги повтори идеолошките формулации што ги користел во текот на претседателската кампања.

– За тоа воопшто немам илузии. Истовремено, постои шанса за подобрување на односите со нашата земја – додаде Медведев.

Од друга страна, пак, досегашниот украински претседател, признавајќи го изборното фијаско, посочи дека Зеленски е премногу неискусен за да ѝ се спротивстави на Русија.

– Изборните резултати нѐ оставаат во голема неизвесност и непредвидливост – изјави Порошенко.

Милијардерот Порошенко беше избран за претседател откако беше соборена претходната проруска влада. Потоа Русија по контроверзниот референдум, што беше осуден од меѓународната заедница, го анексира полуостровот Крим во 2014 година. Сепак, руското МНР соопшти дека украинските гласачи јасно ја покажале нивната желба за политичка промена.

– Новото лидерство сега мора да ги разбере и реализира надежите на неговите гласачи. Тоа, се разбира, се однесува и на домашните и на надворешните работи – истакна Григори Карасин, рускиот заменик-министер за надворешни работи.

Од изборниот штаб на Зеленски соопштија дека новоизбраниот претседател добил телефонски честитки за победата од американскиот претседател Доналд Трамп, како и од францускиот лидер Емануел Макрон. Истото тоа го сторил и полскиот претседател Анжеј Дуда. Истовремено, првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск, наведе дека Европската Унија е одлучна во намерата да продолжи со поддршката за Украина.

Зеленски ќе го преземе претседателството со земја што се соочува со голем број предизвици, меѓу кои најсериозни се слабата економија и војната против проруските бунтовници на истокот, која досега однесе над 13.000 животи.

Експертите наведуваат дека приврзаници на Зеленски, фрустрирани од актуелните политичари и корупцијата, беа мобилизирани од неговата харизма и антикорупциските пораки. Тој профитира од незадоволството на гласачите од Порошенко, кој на власт дојде пред пет години во текот на т.н. Мајденска револуција. Милијардерот, кој во земјата е познат како цар на чоколадото, им вети на Украинците дека ќе живеат на нов начин, но темпото на промени за многумина по сѐ изгледа беше пребавно, пишува британски „Гардијан“.

Двајцата кандидати се соочија во телевизиска дебата на олимпискиот стадион во Киев во петокот вечерта, но очигледно спектаклот не успеа да го смени расположението на гласачите.

Од друга страна, критичарите на Зеленски се скептични за неговите квалификации, при што многумина се загрижени за неговите блиски врски со милијардерот и контроверзен украински олигарх Игор Коломојски. Тие се сомневаат дека Зеленски ќе успее да се справи со влијателните олигарси во земјата, како и дека ќе може успешно да му се спротивстави на рускиот претседател Путин.


Најбизарни изборни моменти – тестови за дрога, клонови и кандидати-шпиони

Дури и според стандардите на бившите советски републики, кампањата за претседателските избори во Украина беше бизарна. Првиот изборен круг ќе биде запаметен по рекордниот број од 44 кандидати, а гласачкото ливче беше со должина од неверојатни 83 сантиметри, пишува „Политико“.
Зеленски како да сигнализираше неверојатна изборна кампања, кога својата претседателска кандидатура ја најави на телевизискиот канал 1+1 на новогодишната вечер, термин што типично е резервиран за годишното обраќање до нацијата на актуелниот украински претседател. Листата на кандидати во првиот изборен круг беше многу шаренолика. Па, така, меѓу претендентите за претседател беа поранешни шпиони, кандидат во куќен притвор, самопрогласен сексист, како и Игор Шевченко, чиј главен изборен слоган беше „Дали сакате да станете сопруга на претседател?“.
Истовремено, украинските гласачи беа збунети од појавувањето кандидатски „клонови“. Покрај, бившата премиерка Јулија Тимошенко, во изборната трка учествуваа и пратеникот Јуриј Тимошенко, како и телевизиската водителка Јулија Литвиненко.
Можеби најбизарен момент, според порталот „Политико“, беа тестовите за дрога на комедијантот Володомир Зеленски и актуелниот претседател Петро Порошенко, што беа пренесувани во живо од украинските медиуми и на социјалните мрежи. За среќа, на двајцата кандидати и милионите украински гласачи, резултатите од тестовите беа негативни.

[email protected]