Европскиот парламент (ЕП) денеска ќе гласа за новиот состав на Европската комисија.

Доколку новиот состав биде одобрен, новоизбраната претседателка Урсула фон дер Лејен ќе може да почне со работа на 2 декември. Таа доби зелено светло за сите 26 кандидати за еврокомесари пред десетина дена, по макотрпните сослушувања во кои беа отфрлени тројца кандидати.

ЕП ќе гласа за целокупниот совет со просто мнозинство. Советот на ЕУ, веќе даде зелено светло пред два дена.

Фон дер Лејен ќе ја образложи програмата на нејзината Комисија во најавеното обраќање на пленарната седница на европарламентот. Шефицата на европската дипломатија на заминување, Федерика Могерини, исто така ќе има обраќање пред европратениците, во врска со развојот на односите со таканареченото источно соседство на Европската Унија.