Поранешниот американски разузнавач, Рон Роквел Хансен (60), осуден поради обидот за пренесување безбедносни информации на Кина, изрази каење за неговите постапки откако доби 10-годишна затворска казна, пренесуваат светските медиуми. 

Тој со треперлив глас им се извини на неговото семејство и на колегите поради болката и штетата што им ги нанел. Неговите зборови беа проследени со писоци од ченовите на неговото семејство и пријателите присутни во судницата во Солт Лејк Сити.

– Едноставно нема зборови со кои можам во потполност да го изразам длабокото каење што го имам поради моите одлуки и постапки. Се извинувам. Би дал се да можам да ги сменам работите – кажа Хансен при обраќањето во судот.

Рон Роквел Хансен (60) е осуден на 10-годишна затворска казна

Тој во март се изјасни за виновен за обидот за пренесување на информации од национална безбедност на странска влада. Странските агенти му пришле на Хансен додека работел во Кина. Според сознанијата на американските власти, тие му понудиле стотици илјади долари за да проследи технологија и информации за прашања поврзани со американската војска и разузнавање. Обвинителството тврди дека Хансен добил до 800 илјади долари во текот на повеќегодишната соработка со Кинезите. 

Хансен помина повеќе од 20 години во служба во американската армија, вклучувајќи го и ангажманот во Одбранбената разузнавачка агенција (ДИА), за која работел неколку месеци.

Поранешниот разузнавач беше уапсен во јуни минатата година додека одел кон аеродром во Вашингтон, поради планирано патување во Кина. Судот ја ублажи првичната 15-годишна затворска казна поради неговата соработка со властите.