Годинашните американски претседателски и конгресни избори најверојатно ќе го надминат рекордот од 6,29 милијарди долари, кои беа потрошени во изборниот процес во 2012 година. Досега во кампањите беа вложени 4,77 милијарди долари, само неколку месеци пред закажаниот изборен датум. Претседателот Доналд Трамп собра 165 милиони долари во јули за неговата изборна кампања, со што го надмина неговиот демократски противкандидат Џо Бајден, кој собра 140 милиони долари минатиот месец, што претставува рекордно темпо за вложување средства во претседателската кампања. До 30 јуни, Трамп собра 342,70 милиони, а Бајден 278,85 милиони долари.

Сумите се драстично повисоки од оние во претходната претседателска кампања, кога Хилари Клинтон собра 89 милиони долари со Демократската партија, додека Трамп собра 80 милиони долари. Тогашните избори чинеа 2,39 милијарди долари во комбинација на кандидатите и разните групи на интерес, според податоците на невладиниот центар за отворена политика, а вкупната бројка заедно со трошоците за кандидатите на другите владини позиции достигна 6,5 милијарди долари. Големото вложување во изборните кампањи започна во 2008 година, кога Барак Обама, како демократски кандидат, го одби федералното финансирање и, наместо тоа, успеа да собере 436 милиони долари, со што доби значителна финансиска предност пред републиканецот Џон Мекејн, кој доби 84 милиони долари од јавни фондови.