Животот во пандемија очигледно го менува и начинот на кој функционира светската политика. Во тој правец е и последното истражување, насловено „Твитдипломаси“, во кое се истакнува дека глобалните државници најголемата комуникација со јавноста и со нивните гласачи ја одржуваат дигитално

Колку светските политичари во својата работа активно го користат потенцијалот на социјалните мрежи во период кога планетата живее со опасностите од пандемијата на коронавирусот.
Оваа дилема во моментов е многу актуелна, особено кога целата комуникација во светот добива тенденција да се одвива дигитално и кога во земјите се случуваат редица исклучително битни политички настани што го засегаат целокупните општества, економските системи и здравјето на граѓаните.
Според јавно достапните податоци од социјалните мрежи, обелоденети во истражувањето насловено „Твитдипломаси“, се изнесуваат детали во јавноста за тоа колку се политичарите активни и колку тие електронски ги шират своите пораки до граѓаните.

Пензионираниот Трамп сѐ уште број еден

Имено, „Твитдипломаси“ информира дека во светот постојат повеќе од 900 твитер-профили на шефови на држави и влади во светот. Студијата покажува дека од официјалните профили на државници што го користат Твитер најмногу профили има на шефови на влади и на министри за надворешни работи, но и верски лидери.
Според истражувањето, по бројот на следбеници, сѐ уште на првото место се наоѓа поранешниот претседател Доналд Трамп, чиј профил е исклучен и тој има 111 милиони следбеници. Зад Трамп е индискиот државник Нарендра Моди, со 52 милиони. Трет е новиот американски претседател Џо Бајден, со 39 милиони, па следува Реџеп Таип Ердоган, кои има 26 милиони следбеници.
На листата на светски државници се најде и папата Франциск, кој има 18,1 милиони следбеници. Според „Твитдипломаси“, папата Франциск има профили на девет јазици и со тоа тој ја пренесува својата порака пошироко. Споредено со светот, во Европа, пак, на Твитер најдобро котира францускиот претседател Емануел Макрон, со 4,5 милиони следбеници, а на второто место на листата е британскиот премиер Борис Џонсон, со околу 1,5 милион следбеници. Германската канцеларка Ангела Меркел нема официјален твитер-профил, но, сепак, таа е застапена на социјалната мрежа од нејзините пиар-служби.

Нова социјална мрежа наменета само за политичари

Дигиталната медиумска платформа за блогирање „Машабл“ на оваа тема информира дека откако во светот стана повеќе од јасно дека социјалните мрежи се извонреден ресурс за водење на политичките кампањи, очекувано беше дека ова поле на политичка борба уште повеќе ќе се развива.
Според „Машабл“, првиот чекор во таа насока го направи „Мајкрософт“, кој на крајот од минатата и на почетокот од оваа година започна да работи на оформување нова социјална мрежа наменета исклучиво за политичари, која е насловена Товнхол (градско собрание).
– Оваа социјална мрежа е развиена за да им послужи на потребите на луѓето од политиката и нивните поддржувачи побрзо и полесно да ги споделуваат своите информации и размислувања – пишува „Машабл“.
Социјалната мрежа Товнхол е дел од групата алатки на компанијата „Мајкрософт“, именувани како „Кампејн реди “, која е целосно посветена на олеснување на политичките активности.

Новата социјална мрежа, меѓу другото, овозможува спроведување анкети, поставување и одговарање на прашања на поддржувачите и слични активности, кои ќе бидат наградувани со беџови, по принципот на социјалната мрежа Форсквер, која е наменета за угостителите.
– Засега, Товнхол е во демо-верзија (пробна) и останува да го почекаме и официјалното почнување со работа, за да видиме дали политичарите ќе умеат да го искористат максимумот од новата платформа и дали тоа ќе влијае позитивно врз нивото на политичката комуникација – истакнува „Машабл“.