Отпадот од празниците, подароците, па дури и храната што се консумира имаат негативно влијание на околината, значително загадувајќи ја, наведува „Политико“

За многумина новогодишните и божиќните празници се период за дружење со блиските, јадење многу храна и размена на подароци, но повеќе еколошки организации предупредуваат дека станува збор за најголемата годишна еколошка катастрофа во светот. Отпадот од празниците, подароците, па дури и храната што се консумира имаат негативно влијание на околината, значително загадувајќи ја, наведува „Политико“.

Податоците од истражувањата покажуваат дека во текот на новогодишните и божиќните празници, количеството отпад во Британија се зголемува за 30 отсто. Тука се вклучени и околу 365.000 километри од нерециклирачка украсна хартија, како и една милијарда картички што завршуваат во кантите за отпадоци. Еколошката група „Хабаб“ предупредува дека Британците годинава ќе купат околу 12 милиони божиќни џемпери, и покрај 65-те милиони џемпери што веќе се наоѓаат во британските плакари. Од „Хабаб“ истакнуваат дека повеќето нови џемпери содржат пластика. Резултатите од анализата, спроведена на 108 модели од 11 продавници, покажуваат дека 95 отсто од џемперите се целосно или делумно направени од пластични материјали.

Организацијата „Карбон траст“ наведува дека вистинската новогодишна елка има значително помала јаглеродна емисија од вештачките дрва. Па, така, природната двометарска новогодишна елка што е фрлена на депонија има емисија на околу 16 килограми на јаглерод диоксид, благодарение на метанот што се ослободува додека гние. Доколку природната елка е уништена со горење, тогаш емисијата на јаглерод диоксид е околу 3,5 килограми. За разлика од природните, новогодишните елки направени од пластика имаат емисија на јаглерод диоксид од 40 килограми.

Потоа, тука е и проблемот со опасните подароци. Повеќето од играчките со кои ќе си играат децата околу новогодишните и божиќните елки се направени во Кина. Во 2017 година, играчки во вредност од 7,4 милијарди евра биле увезени во Европската Унија, додека вредноста на извезените играчки изнесува само 1,4 милијарда евра. Според Евростат, 86 отсто од овие играчки потекнуваат од Кина. Но некои од овие производи може да содржат нездраво ниво на забранети хемикалии. Националните власти годинава блокирале 248 вида играчки што се продаваат во ЕУ, откако тестирањата покажаа дека тие содржат нелегални нивоа на отровни материјали. Повеќето од овие проблематични производи (88 отсто) биле увезени од Кина. Европското еколошко биро (ЕЕБ) наведува дека околу 51 отсто од овие производи содржеле пластични адитиви, што се класифицирани како хемикалии што го нарушуваат ендокриниот систем. Од ЕЕБ истакнуваат дека владините претставници се соочуваат со „поплава“ од опасно контаминирани кинески играчки.

Експертот Кристијан Рејнолдс од универзитетот „Шефилд“ истакнува дека најголемото еколошки влијание од божиќната вечера потекнува од месото. Па така, на пример, килограм говедски или јагнешки протеин може да генерира од 634 до 749 килограми јаглерод диоксид. Истражувањето на универзитетот „Манчестер“ покажува дека просечната божиќна вечера со мисирка има емисија од 20 килограми јаглерод диоксид. Тука е проблемот со отпадот од храната. Според организацијата „Биффа“, во Британија околу две милиони мисирки и 74 милиони пити со мелено месо завршуваат во отпад секој Божиќ.

И празничните патувања значително ја загадуваат околината. Околу 250 милиони Европејци ќе крстосуваат низ континентот во текот на празниците, посетувајќи ги своите семејства и пријателите. Просечниот Европеец ќе патува околу 516 километри, а четвртина од Европејците ќе патуваат со авион. Емисијата на јаглерод од авионите во Европа се зголеми за 20 отсто по 2005 година и продолжува да се зголемува за четири проценти на годишно ниво.