Американски извештај од кој неодамна е тргната ознаката за тајност, познат како „Воената закана од 1983“, открива нова епизода од тоа колку светот досега бил блиску до нуклеарна катастрофа на залезот на Студената војна меѓу тогашните суперсили САД и СССР

По декласификацијата на документите на Националниот безбедносен архив на САД

Колку пати досега светот бил на работ на почеток на нуклеарна војна и имало ли кризни ситуации во кои светските лидери за малку ќе го стиснеле „црвеното копче“ за атомски напад и употреба на борбените сили? Овие дилеми и слични ним станаа актуелни во светската јавност, откако американските медиуми објавија детали од декласифицираните тајни документи на Националниот безбедносен архив на САД. Имено, според американскиот медиум „Де драјв ин“, светот бил најблиску до нуклеарна катастрофа во 1983 година за време на одржувањето на воената вежба на НАТО наречена „Вешт стрелец“ во Европа.

„Вешт стрелец“ како параван за нуклеарен напад?

На залезот на Студената војна тогашните главни нуклеарни сили, НАТО предводено од САД од една страна и Варшавскиот пакт предводен од СССР од друга, биле страшно блиску до тотална уништувачка војна кога при увежбувањето на своите сили на НАТО од седиштето на Северноатлантскиот сојуз протекле доверливи информации кон Москва дека Вашингтон планира напад врз СССР. Како што пренесува американскиот медиум, состојбата до толку била сериозна што советските борбени авиони, со седиште во тогашна Источна Германија вооружени со атомски бомби, се подготвувале за „непосредна употреба“ на воените средствата кон земјите на НАТО.
Ова, меѓу другото, прецизно се наведува во извештајот на американскиот оддел за државни документи од кој неодамна е тргната ознаката за тајност, познат како „Воената закана од 1983“.
– Таа година неповратно ги искомплициравме односите со Советскиот Сојуз. Советските воени лидери сериозно веруваа дека Америка ќе ја искористи воената вежба „Вешт стрелец“ како параван за вистински напад – се вели во извештајот.
Понатаму интересно е дека документите на НАТО и американското воено воздухопловство откриваат дека вежбата во 1983 г. вклучувала поголем број нови провокации, како на пример комуникацијата пред одржувањето на вежбата, со која се симулирало кревање на борбената готовност, постепено, од нормална, до општа тревога. Покрај ова, дел од американските авиони вежбале процедури за ракување со нуклеарни боеви глави, вклучувајќи нивно вадење од хангарите со помош на макети што биле направени да личат на вистинските атомски бомби.

Се покажало дека Советскиот Сојуз навистина верувал дека САД се подготвуваат за вистинска војна и како одговор ја мобилизирал својата армија.
Според документите на Националниот безбедносен архив, воените реакции на Варшавскиот пакт на „Вешт стрелец“ биле со дотогаш невиден обем и вклучувале транспорт на нуклеарно оружје од магацините до лансерите со помош на хеликоптери, запирање на сите воздушни операции, освен разузнавачките од 4 до 10 ноември, најверојатно за да бидат достапни колку што е можно повеќе воени авиони.

Историјата се повторува

За среќа, како што наведува американските медиуми, САД тогаш не знаеле ништо за овие активности на СССР и „не сакајќи“ го минимизирале ризикот со тоа што не реагирале на советската мобилизација, која готовноста ја кренала на невообичаено високо ниво. Медиумите, по објавувањето на декласифицираните информации, анализираат дека доколку американската војска во тоа време ги интензивирала своите активности во близината на железната завеса, тоа најверојатно ќе било протолкувано како напад од советска страна, што неизбежно ќе довело до војна, и тоа од нуклеарен карактер.
Во исто време на оваа тема магазинот „Геополитика“ пишува дека е интересен моментот кога овие декласифицирани информации се објавуваат во јавноста, време кога тековните геополитички триења меѓу САД, НАТО и Русија се повторно активни. Според магазинот, слично како во минатото и сега НАТО увежбува „исти воени“ игри во Европа што симулираат нуклеарен конфликт со Русија.