Новинари помагаат на повреден новинар за време на протест во Венецуела

Според Меѓународната федерација за новинари, околу 96 новинари ширум светот загинаа минатата година вршејќи ја својата работа, пренесува „Би-би-си“.

Оваа бројка е поголема од бројот на новинари кои загинаа во 2017 година, но сепак е неспоредлива со максималната бројка на загинати новинари во 2006 година, која изнесува 155.

Едно од најспоменуваните новинарски имиња беше името на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој беше убиен во октомври минатата година. Неговата смрт разгоре многу дипломатски кризи и предизвика меѓународна осуда. 

Минатиот месец во Велика Британија, на улиците на Лондондери загина новинарката Лира Мекги, додека известуваше за немирите кои избувнаа.

Сепак, најопасна земја за новинарите е Авганистан, каде што минатата година загинаа 16 новинари. Додека пак, во затвор се наоѓаат 68 новинари во Турција, 47 во Кина, 25 во Египет и 16 во Саудиска Арабија. 

Обединетите Нации оваа година истакнаа дека улогата на слободните медиуми е неверојатно важна за демократијата, особено за време на изборите. 

Демократијата не е целосна без пристап до транспарентни и веродостојни информации – изјави Антонио Гутерес, генерален секретар на Обединетите Нации.