Доналд Трамп, за време на претседателската кампања во 2016 година ветуваше работа, измени во судството, даде ветувања за мигрантите, ветувајќи го „ѕидот“… Но, дали тој исполни нешто од сето ова? На почетокот на новата претседателска кампања во САД, „Гардијан“ дава осврт на досегашните достигнувања и ветувања на Трамп.

Трамп вети изградба на граничен ѕид помеѓу САД и Мексико, тврдејќи дека Мексико ќе плати за истиот. Ова ветување не беше исполнето. Трамп направи договори за конструкција на околу 398 километри од пограничниот ѕид, но ваквиот чекор не беше поддржан. Се очекува ѕидот на Трамп да биде дел и од кампањата за претседателски избори во 2020 година.

Трамп вети укинување и замена за Актот за достапна здравствена грижа, таканаречен „Обамакер“ донесен од претходниот американски претседател Барак Обама. Овој план на Трамп беше нарушен од страна на демократските и тројца републикански сенатори во јули 2017 година. Ваквиот план би ги дестабилизирал пазарите за здравствено осигурување и би ги зголемил трошоците на луѓето на кои им се дијагностицирани хронични болести.

Трамп вети реформација на даноците, и во тоа успеа. Во 2017 година, републиканците изгласаа еден од најзначајните закони за намалување даноци во деценијата. Трамп тврди дека тоа е најголемото намалување на даноци во историјата. Наводно, намалувањето на даноците е поволно за работничката класа, но според Центарот за американски напредок, сепак, 83 отсто од бенефициите завршија кај најбогатата класа, или таканаречениот еден процент од елитата.

Ветувањето на Трамп за назначување на конзервативни судии во судовите беше исполнето. Трамп назначи 123 судии до 19-ти јуни годинава, а исто така назначи двајца судии во Врховниот суд, Нил Горшук и Брет Кавано. Овој чекор беше со цел да има членови на Врховниот суд кои се на десната страна на политичкиот спектрум, а исто така, постигна разурнувачки импликации за правата за абортус во САД.

Ветување кое е во застој е преговарањето за трговските договори. Измените во договорите со Европската Унија, Велика Британија и Јапонија одат бавно. Трамп наметна голем број на тарифи и влезе во економска војна со Кина, а експертите тврдат дека ова би им наштетило на американските фармери, односно оти ќе предизвика хаос во глобалната економија.

На полето за вработување, на Трамп, всушност, не му оди лошо. Тој постојано се фали дека создал шест милиони работни места и дека невработеноста е на минимално ниво во последниот половина век. Но, критичарите велат дека тој едноставно го преземал економскиот бран на Обама, но не му оди така сјајно. Трамп овозможил 188.542 работни места месечно во првите две години од неговиот претседателски мандат, за разлика од 202.417 места месечно за време на првите две години од владеењето на Обама.