Се сеќавате кога Јапонија требаше да стане најдобра светска економија? Ризиците од ваквите прогнози уште повеќе се нагласуваа по разните храбри предвидувања, вклучувајќи го и она од неодамна дека Кина непречено ќе продолжи со двоцифрената стапка на пораст и дека Индија брзо ќе стане новата Кина. Како и да е, порастот на глобалната важност на Азија не е фантазија, при што многумина дискутираат во полза на теоријата дека најновото „појавување“ на Кина и Индија едноставно го одразува враќањето кон историскиот економски правец по повоената доминација на САД

Во втората половина од 20 век, Азија беше застапена со само 20 проценти од глобалниот БДП. Но предводен од Јапонија, јужнокорејските „економски чуда“, порастот на економијата на Југоисточна Азија и последователниот економски бум на Кина, овој континент сега придонесува со 40 проценти од светскиот БДП. Според ММФ, таа ќе испорачува речиси две третини од глобалниот пораст во следниве неколку години.
Погледот во „кристалната топка“ најавува дека до 2030 година, Кина, Индија, Јапонија, Индонезија и Јужна Кореја ќе бидат петте најдобри економии во Азија. Меѓутоа, ризиците се многубројни, вклучувајќи ја и можноста за геополитички или економски шокови, како што се разните болести, револуции, тероризам или војни.

Сето тоа би можело да предизвика свртување од курсот на некоја од овие нации или, пак, на целиот регион. На пример, како би изгледала перспективата за пораст на Кина во случај комунистичката влада да биде симната од страна на демократска револуција или ако избие војна во Јужно Кинеско Море? Може ли Јужна Кореја да се соедини со Северна? Дали Јапонија конечно ќе ги намали бариерите за масовна имиграција? А ризиците за Индија може да вклучуваат понатамошни терористички напади или дури и нуклеарна војна.

И покрај сето ова, имајќи ги предвид можностите, од овие пет земји се очекува да станат азиски лидери до крајот на следната деценија:

1. Кина
Кога Денг Ксијаопинг стана врховен водач на Кина во 1978-та, економијата на земјата се тетеравеше под товарот на повеќедецениската економска политика на Мао Ѕедунг. Радикалните економски реформи што следуваа, ја отворија комунистичка Кина кон странските инвестиции, деколективизирано земјоделство и приватизација на државната индустрија, туркајќи ја кон невидена стапка на пораст и создавајќи од неа втора најголема светска економија во 2010 година.
Иако минатогодишната кинеска стапка на пораст на БДП од 6,9 проценти беше најбавната во последниве 25 години – малку и преувеличена, според некои аналитичари – сепак ги надвиси бројките на сите други големи економии освен индиската.
Спокојните денови со речиси 10 отсто просечен годишен пораст на БДП, кои народот ги живееше од реформите во 1978-та досега, се веќе минато. Но високите стапки на пораст за оваа земја со најголема популација се далеку од завршени.
Со оглед на резултатите од економската реконструкција – од извозот до домашната побарувачка, потоа од производството и индустријата до услугите и потрошувачката – најновите проекции на Министерството за земјоделство на САД предвидуваат дека кинеската економија ќе расте во просек за 5,2 отсто на годишно ниво до 2030 година.
Дали Кина ќе биде способна да ги постигне овие прогнози, ќе зависи од успехот на Пекинг во менаџирањето на неизбежниот пад на порастот, справувањето со зголемените нивоа на долг, како и со прекумерните индустриски капацитети, додека полека се трансформира од ударно инвестициска во потрошувачки управувана економија.
Засега, економистите се на мислење дека Пекинг ќе успее да ги надмине овие предизвици. Во тој случај Кина ќе го „затвори јазот“ со САД, па според УСДА, се очекува да достигне пораст од 2,4 отсто на годишно ниво до 2030-та.
Иако според овие предвидувања Кина „за малку“ нема да успее да стане првата светска економија до 2030 година, сепак ќе остане на удобното прво место како доминантна економска сила во Азија.

2. Индија
Ако последниве децении ја раскажуваат приказната за напредокот на Кина во светската економија, за децениите што следуваат се најавува дека ќе ѝ припаѓаат на Индија. Во 2014 година таа го зазеде местото на Кина како најбрзорастечка светска економија, а со прогнозата од УСДА за пораст на БДП од 7,7 отсто на годишно ниво до 2030-та, јужноазискиот гигант и официјално ќе го сметаат за следниот глобален економски центар.
ММФ дури предвиде дека уште во 2019 година Индија ќе напредне од седморангирана до треторангирана светска економија, потпомогната од својата реформска влада и младата популација што дава демографски придонес. Додека ниските цени на стоките ги погодија економиите од групата БРИК (Бразил, Русија и Кина), статусот на Индија како успешен увозник и потрошувач ја смести најголемата светска демократија во идеална позиција за профит од тековните услови на глобалниот пазар. Како што се намалуваат цените на нафтата, јагленот и железната руда, така се намалува и трговскиот дефицит на Индија, а се зголемува потрошувачката моќ, додека нејзината главна економска пречка – инфлацијата – се наоѓа на децениски најниското ниво.
Ова не значи дека Индија не е соочена со предизвици во менаџирањето на барањата на своето нетрпеливо население.
Меѓутоа, Светската банка смета дека Индија го одржува својот статус на најбрзорастечка светска економија со помош на инвестициите во јавниот сектор и позитивните регулаторни реформи, што и понатаму ја прави основа за „сигурен облог“ како азиска ѕвезда во подем.

3. Јапонија
Не толку одамна Јапонија беше симбол на економската преродба на Азија. Американските аналитичари доаѓаа во Токио да ја дознаат тајната на јапонската индустрија, владините бирократи добиваа огромни пофалби за својот успех во насочувањето на приватниот сектор, а обичниот јапонски работник беше гледан како новиот светски економски „предводник“.
Со оглед на тоа што економијата на оваа земја растеше со просечни 16 отсто на годишно ниво во периодот 1960-1990, станувајќи така втора по големина економија во светот, ваквите големи предвидувања не беа толку радикални колку што изгледаат денес. Но по масивниот економски меур, кој направи цените на одредени имоти да скокнат до апсурдни височини – во еден момент, вредноста на земјиштето под токиската Империјална палата беше проценето на повеќе од целата држава Калифорнија – во почетокот на 1990-тите забавата беше завршена. Потоа следуваа две „изгубени декади“, а денешните економски прогнози раскажуваат една многу поинаква приказна.
Додека премиерот Шинзо Абе настојуваше да го стимулира порастот преку своите абеномикс-политики (комбинација од неговото презиме и зборот „економија“), неговата администрација се бореше со ветрови што дуваа во спротивна насока, вклучувајќи го проблемот со најстарото население на светот, намалената работна сила и несигурната продуктивност, како и со товарот на зголемениот јавен долг. Во периодот отсега па до 2030 година се очекува Јапонија да го доживее најголемото опаѓање на работната сила, со ОЕЦД, која од неа бара политики за подобрување на владините финансии, додека течат економските реорганизации за вработување повеќе жени и повозрасни граѓани. Останува да видиме дали Јапонија може да се избори со значајните економски и демографски предизвици со кои се соочува. Сепак, УСДА предвидува дека иако Индија ќе ја надмине Јапонија во следниве неколку години, таа цврсто ќе се држи за титулата на четврта светска економска сила до 2030 година.

4. Индонезија
Најгусто населената муслиманска држава во светот веќе претставува „сериозен играч“ во АСЕАН (асоцијација на југоисточните азиски држави), а според прогнозерите, предодредена е и за понатамошни успеси во наредниве декади.
Според Мекинси, до 2030 година, 90 милиони луѓе во Индонезија ќе влезат во класата просечни потрошувачи – луѓе што имаат доволно средства за да си ги задоволат основните потреби – а тоа значи најголем подем по Кина и Индија.
Џ.П. Морган (најголемата американска компанија за финансиски услуги и консалтинг) смета дека до 2030-та АСЕАН ќе стане четврти по големина економски регион во светот, по ЕУ, САД и Кина, а се очекува учеството на Индонезија да изнесува 40 проценти од севкупниот пораст.
Сепак, додека зголемената побарувачка и потрошувачка на домаќинствата ветуваат економски растеж во текот на следните децении, Индонезија се соочува со голем број пречки, вклучувајќи ја потребата од ревитализација на инфраструктурата, надминување на корупцијата и намалување на нејзината зависност од извозот на ресурси во Кина. Но, и покрај сето ова, УСДА изразува увереност во способноста на Индонезија за реформи, предвидувајќи дека до 2030-та просечниот пораст на БДП ќе изнесува 5,1 отсто, што ќе значи претекнување на Јужна Кореја како четврторангирана економија во Азија.

5. Јужна Кореја
Јужна Кореја е втората најголема извозно ориентирана земја во светот, која многу малку заостанува зад главниот извозник Германија. Истражувачкиот институт „Хјундаи“ известува за намален извоз и опаѓање на глобалната побарувачка, а тоа ги оштетува домашната потрошувачка и корпоративните инвестиции. Обременета со зачестеното укинување на работни места во преработувачката индустрија и високиот домашен долг, корејската економија се наоѓа пред голем број проблеми, меѓу кои се стареењето на нацијата и намалувањето на работната сила.
Но во секој случај, ОЕЦД верува дека Сеул ги презема вистинските активности со зголемувањето на потрошувачката, намалувањето на бирократијата, потпишувањето најразлични договори за слободна трговија и поттикнувањето на жените да бараат вработување. Сето ова, се надева Јужна Кореја, би требало да ѝ биде доволно за да ја подобри својата забавена продуктивност.

Изгледа дека и УСДА доволно ѝ верува на намерата на Јужна Кореја да ги реши проблемите, па затоа ѝ предвидува скромна, но респектабилна просечна годишна стапка на пораст на БДП од 2,8 отсто до 2030-та, позиционирајќи ја со тоа оваа земја на удобното петто место на економската мапа на Азија. А во случај на соединување на земјата со Северна Кореја, таа ќе добие пристап до милиони дополнителни работници, но под услов да се справи со буџетските трошоци за обединување со посиромашните Севернокорејци.
Предвидувањата за иднината на еден од најтурбулентните светски региони секогаш подлежат на грешка. Како што вели за економистите една стара шега, тие биле создадени само за да направат метеоролозите да изгледаат добро.
И конечно, додека за карактерот и брзината на азиското „надоаѓање“ сѐ уште има простор за дебатирање, понатамошната економска експанзија на Азија е нешто што е едноставно незапирливо во времињата што доаѓаат.