Професорката Дорис Гудвин подучува генерации претседатели на САД

Иако сите претседатели имале многу различни лични особини, никој не би го помешал мисловното однесување на Линколн со лесниот шарм на Френклин Рузвелт или неуморноста на Џонсон и Теодор Рузвелт, секој од нив имал инспиративен темперамент. Тоа не било само поради нивната симпатичност (во најголем дел од времето) туку и поради нивната несекојдневна способност да ги разбираат луѓето и нивните потреби. Тие изградиле сигурни и талентирани тимови и биле способни да управуваат со силни карактери

Од сите компоненти на успехот, прикажани низ примерот на четирите претседатели, четири се издвојуваат како особено соодветни и во денешно време: темпераментот, емпатијата, оптимизмот и моќното обраќање кон јавноста.
Иако имале многу различни лични особини, никој не би го помешал мисловното однесување на Линколн со лесниот шарм на Френклин Рузвелт или неуморноста на Џонсон и Теодор Рузвелт, секој од нив имал инспиративен темперамент. Тоа не било само поради нивната симпатичност (во најголем дел од времето) туку и поради нивната несекојдневна способност да ги разбираат луѓето и нивните потреби. Тие изградиле сигурни и талентирани тимови и биле способни да управуваат со силни карактери. Биле љубопитни и знаеле како да предизвикаат креативност. Владееле во текот на извонредно бурни времиња – граѓанска војна, економска депресија и социјални немири, но, наместо да долеваат масло на огнот, се труделе да ги смират работите и да влеат мир и доверба. Иако сите имале силно его – никој не може да стигне до Белата куќа без него – сите сфатиле дека клучот за успех се крие во тоа да знаат кога да го тргнат настрана своето его и да им дозволат на другите да блеснат.

Емпатијата и оптимизмот биле суштествени компоненти на нивните темпераменти. Кога ги гледаме колективно, она што се истакнува е фактот дека сите овие претседатели се обидувале да ги подобрат животите на луѓето; да го издигнат моралот на нацијата кога било најпотребно и да создадат едно покоректно и поправедно општество. Линколн и Џонсон никогаш не заборавиле од каде потекнуваат. Дури и Рузвелтови, кои отсекогаш биле опкружени со привилегии, поседувале извонреден капацитет да се соживеат со страдањата на својот народ. И покрај тешките времиња во кои биле водачи, овие претседатели зрачеле со оптимизам дека земјата има потенцијал да се издигне над своите тешкотии, па на тој начин секој од нив бил, како што рекол Линколн, „последната најдобра надеж на Земјата“. Наедно, биле оптимисти и дека владата би можела да биде главниот „играч“ што ќе го овозможи тоа.

За да ја постигнат целта, сите биле мајстори на наративот и знаеле дека не е доволно да ја управуваат политиката со тактика, туку и да умеат да раскажат поголема приказна. Ова одело многу подалеку од едноставните анегдоти за да се појаснат работите, колку и да биле важни тие. Генијалноста на овие лидери била во нивната „усогласеност“ со историјата по пат на проучување на нивните претходници, но и во нивните навремени одлуки во рамките на „големата американска приказна“. Како што пишува Гудвин за Линколн, тие гледале на историјата како на „разбирање за нашето постоење, најдобрата алатка што нѐ учи кои сме и каде одиме“.

Во денешно време раскажувањето на приказната често се движи во погрешен правец, небаре е фикција полна со спинови или избегнување на вистината. Имајќи го предвид „господарот на бајките“ во Белата куќа, лесно е да се дојде до ваков заклучок. Но најдобрите претседатели знаат дека дел од нивната работа е да ги обележат својата ера и нашите политички дебати, како елемент од еден поширок наратив. „Тоа е наша должност“, им се обрати еднаш Обама на своите помошници, „да раскажеме една вистински добра приказна за тоа кои сме и што сме“.
Можеби ова е најважната причина поради која книгата на Гудвин е толку добредојдена во дадениов момент. Момент што може да се покаже исто толку консеквентен за иднината на Америка како и епохите обележени од овие четири претседатели. Неопходно е да извлечеме поуки од овие лекции од минатото, не само за да го сфатиме поголемиот историски контекст туку и да добиеме инспирација за подобрување на работите.

Иако намената на оваа книга е да помогне во едукација на лидерите, не очекувам дека Трамп ќе ја прочита. Но се надевам дека тоа ќе го сторат многу наши граѓани.
Во книгата со повеќе од 350 страници, Гудвин ниту еднаш не го спомнува сегашниот станар во Белата куќа. И покрај тоа, тој виси над нејзината книга како застрашувачки „портокалов облак“. Речиси на секоја од страниците, читателот не може а да не направи споредба со Трамп, а читањето на книгава токму сега, кога неговото претседателствување полека станува сѐ понездраво – заглавено во непријатни скандали, непрекинато распостилани по Твитер, кои ги рушат демократските норми на однесување – е, тоа е навистина депресивно.

Ако епизодите опишани од Гудвин содржат врвни поуки за претседателското лидерство, Трамп е комплетна спротивност. Разгледувајќи ја листата од 70 лидерски принципи што Гудвин ги изведува од постапките на овие претседатели, ќе заклучиме дека Трамп „успева“ да ги прескокне речиси сите. И тука е содржан еден дел од поентата: без оглед на честото расфрлање со бесмислени тврдења за тоа дека е попопуларен од Линколн, користено пред своите колеги-државници – или изјавите пред новинари како Боб Вудворт, дека „досега немало подобар претседател од него“ – невозможно е да ги читате овие успешни животописи и да помислите дека Трамп ќе биде светла точка во очите на историјата.
Но оваа книга поставува и едно подлабоко прашање. Кога ќе се испише приказната и за ова наше турбулентно време, каков ќе биде крајниот впечаток за американскиот народ?

„Има некаква зла коб помеѓу нас“, предупреди 29-годишниот Линколн во еден од своите најрани говори, каде што тврди дека „гордото ткиво на слободата“ е загрозено од „љубомора, завист и алчност, толку својствени за нашата природа“. Како што објаснува Гудман, овој говор пред Младото книжевно друштво на Спрингфилд од 1838 година има навистина посебно значење денес, бидејќи Линколн предупреди дека земјата се оддалечува од идеалите на сопствената револуција, во која мажите со огромно его – какви што биле Александар Македонски, Цезар или Наполеон, би се обиделе да ги искористат „дивите и бесни страсти“, заканувајќи му се така и на „самото постоење на нашиот уставен систем“.

Зборовите на Линколн звучат непријатно познато. Сепак, тој го покажува патот кон напред. „Кога ќе се појават ваквите деспоти“, вели тој, „тоа ќе бара меѓусебно обединување на луѓето – главно оние интелигентните – кои се приврзани кон Владата и законите, за да можат успешно да ги фрустрираат намерите на деспотот“. Ова значи имање добро информирано граѓанство, инспирирано од историјата „да ги цени вредностите на нашите слободни институции“, посветени на изградбата на „нов храм на слободата“, подигнат врз цврст камен-темелник, кој значи здрав разум.
Сето ова можеби звучи како нереален оптимизам, но имаме искуство во оваа работа. Оттука, делото на Гудвин е повик за оптимизам и причина за надеж.

Тоа е потсетник дека клучевите за американската иднина не се непознати или туѓи во нашата историја; тие се протегаат низ нашето минато. Она што ни треба е храброст повторно да се воспостави начинот на лидерство што ни го покажа претседателот Линколн – и „сортата“ на граѓани што тој ја побара во говорот за младите книжевници точно пред 180 години.

Денес неговите завршни зборови од тој говор се толку бизарно релевантни што заслужуваат да се повторат уште еднаш. Апелирајќи кон „интелигентните, оние со здрав морал и почит кон уставот и законите“, Линколн изрази надеж за иднина во која – ова не е шега – „ќе дознаеме како последниот адут од ракав (на англиски trump) ќе го разбуди нашиот Вашингтон“.