Талибанскиот режим во Кабул е пред крај на процесот за формирање нова влада во земјата. Според најавите, новите власти во државата во периодот што следува ќе работат на добивање меѓународен легитимитет на талибанците, овозможување финансиска помош од светот и на зајакнување на позициите на талибанските милитанти на целата територија на земјата

Новото раководство на Авганистан во завршна фаза

Додека во Авганистан продолжуваат борбите меѓу талибанските милитанти и остатоците од авганистанската војска и опозициските групи за последните педи од територијата на земјата, новинските агенции на големо веќе ги објавуваат информациите за лицата што ќе бидат високорангирани членови на новиот режим во Кабул.
Имено, според пишувањата на медиумите, коосновачот на талибанското движење мула Абдул Гани Барадар многу веројатно ќе ја предводи новата талибанска влада во Авганистан. Иако засега за деталите на другите лица што ќе бидат вклучени во власта се пишува отворено, сепак нивните точни должности сѐ уште не се потврдуваат во јавноста, како и кога ќе биде нивното официјално именување. Од она што е засега објавено, јасно е дека членови во владата на врховниот талибански лидер мула Абдул Гани Барадар ќе бидат и понатаму долгогодишните блиски соработници, кои ќе се обидуваат талибанците што поскоро да добијат меѓународен легитимитет и финансиска помош за земјата.

Сите соборци на Барадар министри во новата влада?

Според пишувањата на Ројтерс, на Барадар, кој раководи со политичката канцеларија на талибанците, на високите владини позиции ќе му се придружат мула Мохамад Јакуб, син на починатиот талибански основач мула Омар и Шер Мохамад Абас Станекзаи, долгогодишен соборец и негов личен советник.
– Сите највисоки челници пристигнаа во Кабул, каде што се во завршна фаза
подготовките за објавување нова влада – изјави талибански функционер за агенцијата Ројтерс, под услов да остане анонимен.
Барадар на 17 август се врати во Авганистан од Катар, каде што со месеци ги водеше преговорите со САД, а потоа и мировните преговори за Авганистан. Според информациите, новиот лидер на талибанците Барадар беше уапсен во 2010 година и ослободен од пакистанскиот затвор пред помалку од три години по барање на САД. Од она што е објавено во медиумите, идниот прв човек на Авганистан, Барадар, е роден во провинцијата Урузган во 1968 година, а израснал во Кандахар. Тој се придружи на борбата на муџахедините против Советите во 1980-тите и оттогаш напредуваше кај талибанците. Угледниот британски магазин „Гардијан“ пренесува дека неговиот прекар бил Касап,поради бруталноста во борбите со непријателите.

Правни, духовни и религиозни советници дел од новиот режим

Интересно е дека на врховниот талибански лидер Барадар во врвот на владата ќе му се приклучи и Хаибатулах Ахунџада, лице од доверба на новиот лидер, кој ќе работи на верските прашања и владеењето во духот на исламот. Ахунџада, правен експерт што досега дејствуваше од заднина, го презеде кормилото откако неговиот претходник мула Ахтар Мансур беше убиен во 2016 година во американски напад со беспилотно летало. Според извештаите на ООН, тој е идентификуван како поранешен шеф на правосудниот систем воведен од талибанците кога владееја со Авганистан од 1996 до 2001 година. По неговото назначување за нов лидер, тој внимателно работеше за обединување на движењето, отстранувајќи високи функционери за да ја консолидира моќта, да ги спречи внатрешните поделби и да го запре одливот на борци во ривалски групи, како што е Исламската држава. Еден од неговите синови беше убиен во самоубиствен напад врз авганистанска воена база во Хелманд, во 2017 година, пишува хрватски „Јутарњи лист“. Меѓу другите истакнати членови на новиот режим во Кабул се спомнуваат и имињата на мула Мохамад Јакуб, синот на талибанскиот коосновач мула Омар Јакуб, кој сакаше да го наследи својот татко во 2015 година, како и Абдула Абдула од партијата Исламско општество на Авганистан и Гулбедин Хекматијар, лидер на партија Хизби-ислам, кој наедно е и џихадистички воен лидер.
Во меѓувреме, талибанците тврдат дека презеле целосна контрола и врз провинцијата Паншир, последна област во Авганистан што ја држеа силите на отпорот, кои ги отфрлија ваквите тврдења. Досега не беше можно веднаш да се добие независна потврда за настаните во Паншир, каде што исламистичката милитантна група ги прекина телефонските линии, интернетот и електричните водови. Талибанците пред три недели презедоа контрола врз поголемиот дел од Авганистан. Тие на 15 август ја презедоа власта во Кабул, по колапсот на владата поддржана од Западот.