По оставката на наследничката на Меркел, Анегрет Крамп-Каренбауер, во јавноста се профилираа тројца кандидати за нов лидер на владејачките демохристијани во Германија. Тоа се Норберт Ретген, поранешен министер за животна средина, Армин Лашет, премиер на покраината Северна Рајна Вестфалија, и Фридрих Мерц, бивш шеф на пратеничката група на ЦДУ

Во Германија се заострува битката на наследник за лидерската позиција на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел, во пресрет на партискиот конгрес закажан за 25 април. По неодамнешната изненадувачка објава на наследничката на Меркел, Анегрет Крамп-Карембауер, дека се повлекува од местото лидер на партијата и дека нема да се кандидира за канцеларка на Германија, во трката за челната позиција влегуваат тројца мажи. Германските медиуми посочуваат дека за лидерското место на ЦДУ битка ќе водат бившиот министер за заштита на животната средина Норберт Ретген (54), премиерот на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Армин Лашет (59), и бившиот шеф на пратеничката група на партијата, Фридрих Мерц (64).

Сите тројца ветуваат продолжување на политиката на Меркел и придржување кон принципите на германската надворешна политика во поглед на ЕУ и НАТО и истовремено ја повторуваат желбата за јакнење на ЕУ во светската политика, со тесен сојуз првенствено со Франција. Сепак, германските медиуми посочуваат дека меѓу кандидатите за наследник на Меркел има и значителни разлики.
Тројцата кандидати се претставија како чувари на демохристијанското наследство, кои ќе се обидат да ја бранат од уништување партиската сцена, но ниту еден од нив не сака да го напушти политичкиот центар, кој сега го држи партијата. Сепак тие, истовремено, нагласуваат дека демохристијаните треба јасно да се разликуваат екстремите на политичкиот спектар, алудирајќи на крајната левица и на крајната десница во Германија.

За тројцата е битно сознанието дека ЦДУ неодамна изгуби значителна поддршка, пред сè кај младите гласачи. Тие веруваат дека е потребна нова политика за климатските промени и повеќе средства за образованието.
Првиот кандидат, Мерц, доаѓа од Северна Рајна, најпопуларниот регион во Германија, во кој доминира тешката индустрија. Тој е адвокат со широки деловни врски, кој се претставува себеси како кандидат за „нов почеток и обнова на ЦДУ“. Сепак, како што пренесуваат германските медиуми, проблем за Мерц би можело да биде тоа што тој загуби од Крамп-Каренбауер на партискиот конгрес во 2018 година. Претставувајќи ја својата агенда, Мерц истакна дека законот и редот е пораката што тој ќе ја спроведува со конзервативното крило на ЦДУ ако ја добие поддршката од делегатите. Мерц вети и дека ќе ја спречи нелегалната имиграција во земјата.

Лашет е вториот кандидат за наследник на Меркел, а во германските медиуми се посочува како либерал, кој е во тесни врски со сѐ уште актуелната германска канцеларка. Тој, според британски Би-би-си, би бил единствениот кандидат што би претставувал вистински континуитет на политиките на Меркел, бидејќи во својата кампања досега ја нагласуваше социјалната кохезија како клучна цел, особено во моменти кога германското општество се соочува со незадоволства и со екстремни позиции. Лашет се смета за клучна фигура во регионалната политика на Северна Рајна-Вестфалија уште од 2005 година.

Ретген, третиот кандидат и поранешен министер за животна средина на Германија, според германските медиуми, не е миленик на Меркел. Главна причина за тоа е што тој досега постојано ја критикуваше работата на германската канцеларка за водењето на надворешната политика на земјата.

Политичкиот аналитичар, професорот Оскар Нидермајер, за британските медиуми вели дека Ретген е повеќе аутсајдер во оваа трка, бидејќи зад себе тој нема партиско единство и во основа не е блиску со идеалите на ЦДУ. Ретген во моментот е претседател на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот.
Интересно, според германските медиуми, е што Мерц и Ретген потекнуваат од Северна Рајна-Вестфалија, исто како и Лашет, но тие во своите говори и дела фрлаат повеќе око кон источните делови од земјата. Имено, Мерц се надева на поддршка од делегатите од покраините што порано ја сочинуваа поранешна Источна Германија, зашто таму населението е поконзервативно.