Многу меѓународни експерти сметаат дека е време НАТО да биде водено од жена, а како најсериозни кандидатки се споменуваат Далија Грибаускајте, Колинда Грабар-Китаровиќ и Керсти Калјулајд, кои доаѓаат од земјите што припаѓаат на источното крило на воената алијанса

Три жени од земјите во Централна и во Источна Европа се најавуваат како можни кандидат(к)и за избор на генерален секретар на НАТО. Во Северноатлантската алијанса досега се посветува многу внимание на рамноправната застапеност на половите и на различната националност, но изборот на идниот кандидат што ќе го води НАТО предизвика големо внимание, особено за тоа каков би бил односот кон Русија, која е „главен безбедносен проблем“ за евроатлантскиот сојуз, пишува „Имерџинг-Јуроп“.
Многу стручњаци, а меѓу нив е и Ден Хамилтон, директор на Глобалната програма на Европа во центарот „Вудроу Вилсон“, сметаат дека е време НАТО да биде водено од жена.
– Време е НАТО да има жена генерален секретар. Исто така, сите шефови на НАТО досега доаѓаат исклучиво од Западна Европа, така што е време за генерален секретар од Истокот. Ова ќе ја зајакне солидарноста на Алијансата и ќе обезбеди почитување на интересите на целата Алијанса – рече тој за „Нова Европа“.
„Имерџинг-Јуроп“ дава краток преглед на биографиите на трите жени кандидати, како секоја од нив посебно би донела промени во лидерството на најголемиот воен сојуз на светот.

Далија Грибаускајте – железната дама на Балтикот

– Русија е една од најголемите закани на НАТО и затоа нејзината перспектива е важна, така што изборот на Далија Грибаускајте – железната дама на Балтикот – ќе испрати доста силна порака, која исто така може да биде и конфронтација – вели Стефано Брагироли, вонреден професор на институтот за политички студии „Јохан Скајт“ на Универзитетот во Тарту, Естонија, за „Нова Европа“.
Грибаускајте беше претседателка на Литванија од 2009 до 2019 година и беше наречена железната дама за нејзиниот цврст став кон Русија. Цело време додека беше на функцијата, таа беше една од ретките европски лидери што отворено ја критикуваа Русија за нејзиното распоредување војници во источна Украина, како и за соборувањето на патничкиот авион на „Малезија ерлајнс“ во 2014 година.
– Грибаускајте ќе биде компетентен генерален секретар, а за Литванија, би било одлично да ја има на оваа позиција, бидејќи би било полесно да се промовира нејзината агенда, како што е зајакнувањето на источното крило на НАТО воопшто и Балтичкиот Регион, особено соочени со таканаречената руска закана – вели Вадим Воловој од Институтот за меѓународни односи и политички науки на универзитетот „Вилнус“, Литванија, за „Нова Европа“.
Брагироли тврди дека Грибаускајте можеби нема да биде поддржана од западноевропските земји што сакаат да одржуваат деловни врски со Русија.
– Сегашната администрација со Бајден ја отвора можноста за балтички началник на НАТО. Дури и сега, Грибаускајте може да се гледа како мошне екстремен избор, не толку од перспектива на Бајден, туку повеќе за јужните и западноевропските земји како Франција, Италија и Германија – смета тој.
Гедиминас Виткус од Институтот за меѓународни односи и политички науки на Универзитетот во Вилнус, вели дека тврдиот став на Грибаускајте кон Русија не треба да биде пречка за договорите за сојузниците во НАТО.
– Мислам дека е крајно време да се ослободиме од вештачката контрапозиција на Западна Европа и посткомунистичките земји-членки на ЕУ. „Комунизмот“ и руската доминација завршија пред повеќе од триесет години – вели тој.

Колинда Грабар-Китаровиќ – попријателски однос со Русија

Колинда Грабар-Китаровиќ беше претседателка на Хрватска од 2015 до 2020 година, а пред тоа, таа ја извршуваше позицијата помошник-генерален секретар на НАТО за јавна дипломатија од 2011 до 2014 година, што ја прави една од поискусните кандидати за функцијата.
– Хрватскиот кандидат може да ги отвори вратите за малку попријателски односи со Русија, без оглед на тоа колку ефективен или реален би бил таков дијалог – тврди Брагироли.
Според Воловој, изборот на Колинда Грабар-Китаровиќ може да се опише како „помирен“, додека на НАТО останува каков сигнал ќе ѝ испрати на Русија при изборот на нов генерален секретар.
Грабар-Китаровиќ, чиишто предложени политики за време на претседателската трка во Хрватска во 2019 година беа опишани како флертување со екстремната десница, исто така е обвинета дека потенцијално е премногу блиску до Москва.
За време на нејзиното претседателство, Хрватска ги зголеми деловните односи со руските гиганти како „Гаспром“ и „Сбербанк“, а додека беше на патување во Москва во 2017 година, Грабар-Китаровиќ повика на „проширување на соработката“ меѓу двете земји.
Фјодор Лукјанов, шеф на аналитичкиот центар поврзан со руската влада, Совет за надворешна и одбранбена политика, ја прогласи Грабар-Китаровиќ за „поперспективен“ кандидат од Грибаускајте, затоа што беше помалку радикална, но и повеќе убава и со тоа „сакана и негувана од сите“ – вели Мила Микалај, предавачка по политика на универзитетскиот колеџ „Фрајбург“, во Германија.
Сергеј Ермаков од владиниот аналитички центар Руски институт за стратегиски студии тврди дека Грабар-Китаровиќ била упатена во пропагандна и информативна војна, но таа е и професионалец и способна да „одржува рамнотежа“ во односите меѓу НАТО и Русија.

Керсти Калјулајд – доследна на трансатлантската врска

– Керсти Калјулајд може да биде добра рамнотежа. Балтичката перспектива го носи потребниот реализам кон Русија. Калјулајд не е толку отворено конфронтирана – тврди Стефано Браголи.
Керсти Калјулајд, актуелната естонска претседателка, која е претставник на десниот центар, е на функција од 2016 година. И покрај тоа што често користеше поумерен јазик, пораката на Калјулајд до Алијансата беше мошне слична – Русија останува голема безбедносна закана за Европа.
– Европските земји колективно сфаќаат дека за време на Студената војна нашиот регионален ризик беше глобална грижа на сите, а тоа е Русија. Сега, Русија е со економија што изгледа сѐ помала и помала, а нејзината демографија е лоша. Треба да бидеме наметливи и способни сами да се справиме со нашите регионални ризици. Се разбира, секогаш поддржана од нашата трансатлантска врска – изјави таа за „Фајненшл тајмс“ во декември 2020 година, истовремено повика и за зголемена претпазливост кон Кина.
Иако се смета дека Грибаускајте, Грабар-Китаровиќ и Калјулајд се фаворити за оваа работа, тие не се единствените имиња што беа изнесени како потенцијални наследници на Јенс Столтенберг, чиј мандат истекува следната година. Меѓу другите фигури за кои се вели дека имаат разумни шанси да ја преземат функцијата генерален секретар на НАТО се поранешната британска премиерка Тереза Меј, поранешната министерка за надворешни работи на Италија, Федерика Могерини, и романскиот претседател Клаус Јоханис.