Ричард Стентон, Роберт Харпер и Џон Волантен

Џон Волантен, Ричард Стентон и Роберт Харпер влегоа во пештерата откако беа повикани од тајландските власти. Тројката пристигна на Тајланд три дена откако фудбалскиот тим исчезна во комплексот пештери. Во спасувачката операција беа вклучени над 1.000 лица од сите страни во светот, пренесува Би-би-си

Целиот свет со недели нетрпеливо го очекуваше епилогот од неверојатната приказна за спасувањето на 12-те деца и тренерот од пештерата во Тајланд. За среќниот крај, заслуги има целата армија тивки херои што учествуваа во извлекувањето на младиот фудбалски тим. Кои се нуркачите што први стигнаа до децата? Кој е лекарот што остана со нив во пештерата и им помогна да преживеат? Кој е нуркачот што го даде својот живот за да се спасат? Кои се волонтерите што им помагаа на спасувачите додека ги извлекуваа децата? Конечно, кои се децата и тренерот што успеаја да го преживеат тринеделниот пекол? „Нова Македонија“ во фељтон во повеќе продолженија нуди одговори на овие прашања за чудото од поплавената тајландска пештера.

Првиот глас што го слушнаа 12-те млади тајландски фудбалери и нивниот тренер, девет дена откако се заглавија во пештерите, беше на Британецот Џон Волантен. Волантен, Ричард Стентон и Роберт Харпер влегоа во пештерата откако беа повикани од тајландските власти. Тројката пристигна на Тајланд три дена откако фудбалскиот тим исчезна во комплексот пештери. Во спасувачката операција беа вклучени над 1.000 лица од сите страни во светот, пренесува Би-би-си.

„Колкумина сте? Тринаесет? Совршено“, се првите зборови на Волантен, кои значеа дека момчињата и нивниот тренер конечно се најдени.
Британскиот совет за спасување од пештери (БССП), тело составено за доброволно подземно спасување, е во контакт со британските нуркачи по нивното враќање од Тајланд. Бил Вајтхаус, претседателот на Советот, изјави дека тројцата нуркачи потврдиле оти нуркањето било комплицирано и со проблеми.
– Тоа било тричасовно повратно патување, вклучувајќи и премин од 1,5 километар, делумно поплавен, а делумно отворен. Сепак, по моментот на еуфорија, за нуркачите следуваше прашањето „што сега“ – истакнува Вајтхаус.

Волантен и Стентон се дел од спасувачкиот тим на Јужен и Среден Велс. Во Франција во 2010 година, двојката беше дел од тимот што се обиде да спаси заглавен нуркач. Стентон, кој инаку е пензиониран пожарникар, исто така бил вклучен и во спасувањето шест Британци од пештера во Мексико во 2004 година. Во текот на тоа спасување, Стентон успеал да убеди едно лица од групата, кое се плашело од вода, да изнурка 180 метри за да излезе од пештерата. Тој во интервју за Би-би-си во 2004 година ги опиша тешкотиите за навигација и снаоѓање низ пештерите.
– Кога луѓето слетаа на Месечината, тие имаа карта, знаеја каде одат, но во пештера, ако сте надвор од познатата граница на пештерата, никој не знае накај оди и никогаш не знае што ќе се случи зад аголот – порача Стентон, кој на крајот од 2012 година беше одликуван со висока награда за неговите спасувачки услуги со нуркањето во пештери.

Волантен, пак, како што пренесува Би-би-си, е ИТ-консултант од Бристол, кој пораснал во Брајтон. Во интервју за „Сандеј тајмс“ во 2013 година, тој предупреди дека за спасување од пештери е потребна мирна глава.
– Паниката и адреналинот се големи во одредени ситуации, но не и кај нуркањето во пештери. Последното нешто што ви треба е воопшто каков било адреналин. Нуркањето во пештери е како сложувалката со лисицата, кокошката и зрното. Не е опасно ако го правите правилно – порача Волантен.
Пријателите на Стентон и Волантен ги опишуваат како смирени, многу присебни и организирани, како и екстремно дисциплинирани професионалци. Џон Вајтли, контролор за спасување од организацијата за спасување „Девон кејв“, истакнува дека тие се лица што не преземаат ризик непотребно и едни од најголемите експерти во нивното поле.

Стентон и Волантен во 2012 година го добија медалот Кралско хумано општество во Бакингемската палата, и тоа како признание за нивниот обид за спасување во Франција. Третиот британски експерт, Роберт Харпер, уште од 1968 година се занимава со пештерите.


Нуркачи и спасувачи од сите страни на светот

Спасувачите што работеа на извлекувањето на групата што беше заробена во пештера во Тајланд беа дел од вистинска мешавина меѓународни нуркачи, кои соработуваа со тајландските морнарички „фоки“. Иако 12-те момчиња и нивниот тренер по фудбал прво беа најдени од британски нуркачи, напорите за нивно извлекување беа навистина глобална операција.

Повеќе десетици нуркачи, тајландски и странски, беа дел од спасувачката операција. Во спасувањето учествуваа повеќе припадници на специјалните тајландски единици, а најпознати се докторот Пак Лохарншун и тројца нуркачи, кои доброволно останаа со децата откако пред една недела беа пронајдени под земја. Покрај нив, учествуваа и британските експерти за нуркање и спасување во пештери Џон Волантен, Ричард Стентон и Роберт Харпер. Австралиецот Ричард Харис има повеќедецениско нуркачко искуство. Тој прв ги прегледа момчињата во пештерата и даде зелено светло за почеток на спасувачката операција.

Би-би-си наведува дека во напорите за извлекување на момчињата учествувале и Белгиецот Бен Рејманентс и Данецот Клаус Расмусен. Рејманентс има продавница за нуркање во познатата тајландска туристичка дестинација Пукет, додека, пак, Расмусен повеќе години живее на Тајланд и работи за неколку различни училишта за нуркање. Британските медиуми пренесуваат дека во опасната спасувачка мисија се впуштија и финскиот нуркачки експерт Мико Паси, искусниот дански нуркач Иван Караџиќ, како и канадскиот инструктор за техничко нуркање Ерик Браун.