Меѓу листата на земји или региони во светот што значително се потпираат на трговијата, има многу мали економии, кои природно повеќе тргуваат со остатокот од светот или едноставно го користат својот специјален статус. Таков е случајот со Хонгконг, чиј специјален статус сега е доведен во прашање поради потезите на Кина, посочува Статиста.

По одлуката на Кина да ги прошири законите за национална безбедност врз Хонгконг и предупредувањето од САД дека ќе реагираат со свои мерки, па дури и да ги прошират тарифите врз специјалниот административен регион, градот е под закана да изгуби некои од своите привилегии и неговиот статус како глобален трговски и финансиски центар. Многу компании во Хонгконг, меѓу нив и многу кинески компании, зависат од специјалниот административен регион, кој им овозможува слободно да тргуваат со остатокот од светот, што доведе до зголемено потпирање на трговијата во градот.

Трговијата во 2018 година изнесуваше дури 377 отсто од бруто-домашниот производ (БДП) во Хонгконг, според податоците на Светската банка.