Во Грција е најголем ризикот од сиромашија за нејзините државјани, државјаните на други земји од ЕУ, како и за државјаните на земји надвор од ЕУ што живеат и работат во оваа држава, покажуваат податоците на Евростат

Луѓето што живеат и работат во ЕУ а се по потекло од земји надвор од Унијата се изложени на поголем ризик од сиромаштија или социјална исклученост во однос на државјаните на земјите на ЕУ, покажуваат податоците на Евростат.
Во целата ЕУ речиси 45 отсто од луѓето што не се државјани на некоја од земјите-членки на Унијата се изложени на поголем ризик од сиромаштија или социјална исклученост. За споредба, тој процент е 29 отсто кај граѓаните од една држава на ЕУ што живеат и работат во друга држава на Унијата или 21 отсто кај луѓето што живеат и работат во сопствените држави-членки на ЕУ.

Евростат наведува дека за да се смета дека некој граѓанин е изложен на ризик од сиромаштија или социјална исклученост, треба да исполнува најмалку еден од три услови за тоа, односно да е изложен на ризик од сиромаштија по социјални трансфери (сиромаштија поради ниски приходи), да се наоѓа во тешка материјална состојба или да живее во домаќинства со многу ниска работоспособност.
Меѓу земјите-членки на ЕУ, стапката на ризик од сиромаштија или социјална исклученост за граѓани што не потекнуваат од земјите на ЕУ е највисока во Грција и изнесува 58 отсто. По неа следуваат Шведска и Шпанија со 56 отсто, Белгија со 51 отсто, како и Хрватска и Франција со по 50 отсто.

За државјаните што потекнуваат од други земји на ЕУ, најголема стапка на ризик од сиромаштија исто така е забележана во Грција (47 отсто), по што следуваат Шпанија (45 отсто) и Италија (40 отсто). Највисок степен на ризик од сиромаштија или социјална исклученост кај граѓаните што живеат и работат во матичната држава-членка на ЕУ повторно е регистриран во Грција и изнесува 33 отсто, а потоа следуваат Романија (30 отсто), Бугарија (28 отсто) и Италија (27 отсто).

Евростат наведува дека Чешка во 2018 година регистрирала најнизок степен на ризик од сиромаштија и стапка на социјална исклученост за своите граѓани (11 отсто) и за граѓаните на други земји на ЕУ што работат во оваа држава (четири отсто). Во меѓувреме, Полска имала најниска стапка на сиромаштија и социјална исклученост за лицата што потекнуваат од земји надвор од ЕУ (19 отсто).