Њујорк тајмс

Автор: Николас Кристоф

Претседателот Си Џинпинг сака да го цензурира и западниот свет

Што ќе се случи кога кинеските органи за спроведување на законот ќе тргнат во поход на мечето Вини пу? Дали ќе треба против своја волја да го предадеме? Вини, многу ми е жал, ама Кина е многу важен пазар.

Мечето Вини пу стана забрането на Интернет и во кината во Кина, затоа што жестоките критичари рекоа дека личело на крупниот претседател Си Џинпинг. Но деновиве Си не само што сака да ги цензурира информациите во неговата држава, туку и целата наша дискусија на Западот.

Ова е позадината на хистеричната реакција на Кина на твитот на Дерил Мори, генералниот менаџер на Хјустон рокетс, кој даде поддршка за продемократските протести во Хонгконг. Кога НБА почна да се емитува во Кина на почетокот на 2000-тите години, таа даде силен аргумент дека склучувањето на договорот за пренос ќе помогне во проширување на нејзините вредности во Кина. Наместо тоа, Комунистичката партија ја искористува алчноста на НБА за да ги наметне своите вредности во САД.

Кина исто така ги тера „Американ ерлајнс“ да го третираат Тајван како дел од Кина и го присилуваше „Мерцедес-Бенц“ да се извини, затоа што искористил цитат на Далај Лама. „Мериот“ го натера да отпушти вработен затоа што „лајкнал“ погрешен твит на организацијата која ја поддржува независноста на Тибет.

Не можеме многу да сториме за диктатор како Си кој им врши притисок на сопствените граѓани, но не треба да му дозволиме да влијае на дебатите во нашата држава.
Оваа жестока критика ќе ја прекинам поради еден важен контекст. Ние што го критикуваме Си, мораме да признаеме дека стапката на детска смртност е пониска во Пекинг отколку во Вашингтон, дека Кина отвора по еден нов универзитет неделно и дека државните училишта во Шангај се далеку подобри од нашиот образовен систем.
Тогаш да се спротивставиме на кинескиот притисок и да го кажеме својот став против тоа што Кина има притворено најмалку еден милион муслимани, што може да се смета за едно од најголемите притворања на луѓе на верска основа уште од Холокаустот. Но исто така, да истакнеме дека Кина помогна во драстичното намалување на сиромаштијата побрзо од која било друга држава во историјата. Кога зборуваме за Кина, на ум секогаш треба да имаме најмалку две контрадикторни идеи истовремено.
Загриженоста на Си за Интернет, религијата, протестите во Хонгконг, па дури и за Вини пу само ги нагласува неговите несигурности. Си се плаши дека вистинските информации ќе дојдат до кинеската ехо-комора, ќе го поткопаат култот за неговиот лик на неговиот сектор за пропаганда и ќе го претворат во „чичко Си“.

Можеме да го искористиме стравот на Си за да добиеме предност и можеби постепено малку да го ослабиме кинескиот национализам со само три чекори. Прво треба кинеското блокирање на надворешни новински портали и платформите на социјалните медиуми да се крене на ниво на трговско прашање пред Светската трговска организација (ВТО). Во новата книга „Раскол“ за Кина и за светската трговија, Пол Бластајн објаснува како САД требаат да се здружат со други држави за да отворат трговски случај базиран на спогодба со ВТО. Трговските експерти не се сигурни дали случајот би успеал, но вреди да се проба.

Вториот чекор е САД да инвестираат повеќе во технологии за заобиколување на Интернет за да му помогнат на обичниот кинески народ да го прескокне „големиот кинески огнен ѕид“ и да чита нецензурирани вести. САД трошат над 700 милиони долари годишно за да емитуваат програми во далечни краеви на светот, но само мала сума се користи за помош на граѓаните во затворените држави да имаат пристап до бесплатен Интернет.

Ричард Стенгел, поранешниот државен потсекретар кој беше вклучен во овие програми, изјави дека генерално се согласува оти САД требаат да инвестираат повеќе во вакви технологии затоа што „се во согласност со американските вредности и би имало корист од нив“.

Некои американски претставници со кои разговарав се загрижени дека ова ќе предизвика бес кај Си, што е многу веројатно. Исто така не е јасно колку Кинези сакаат да имаат пристап до надворешниот Интернет, затоа што не користат алатки како „Ултрасурф“ и „Сајфон“ кои веќе им овозможуваат пристап (иако отежнат).
Ова се добри причини за загриженост, но јас сум загрижен повеќе за подемот на национализмот во Кина, врежан делумно во образовниот систем и пропагандната машинерија на Комунистичката партија. Низ годините увидов како послободниот тек на информација постепено ги ослободува размислувањата и самите народи, а светот би бил подобро место за живеење, ако ваквиот процес почне да функционира во Кина.
Третиот чекор е поделикатен и опасен. Американската разузнавачка заедница треба да дојде до информации за корумпираноста во семејството на Си што му овозможува да стекне огромно богатство, со тоа што ако Кина преземе брутални мерки во Хонгконг или го нападне Тајван, тогаш „случајно“ би се објавиле овие информации. Токму ова е најголемиот страв на Си и не треба да се отфрли ваквата предност.

Лично ја сакам Кина и верувам во соработката со неа. Треба да работиме на подготвување на трговски договор и да соработуваме за прашањата од климатските промени до трговијата на дрога. Но треба да се спротивставиме кога Си ќе сака да ја замолчи слободната дискусија не само во Кина, туку и во Америка. Инаку, ако американските бизниси продолжат да се покоруваат, во иднина можеби ќе дојде ден кога ќе се појави „чичко Си“ и ќе побара да го предадеме мечето Вини пу.

Превод: Билјана Здравковска