Продолжуваат руските обвинувања дека САД го јакнат своето воено присуство во земјите на поранешниот СССР

Магазинот „Геополитика“ во својата анализа забележува дека во меѓусебните обвинувања поврзани со пандемијата предизвикана од ковид-19 што глобалните велесили си ги упатуваат речиси секојдневно едни кон други, наместо да има заедничка борба против акутната глобална пандемија, по сѐ изгледа вирусот станува новото моќно оружје за превласт на глобалната сцена

Анализа на геополитика

Наместо заедничка борба против акутната глобална пандемија, по сѐ изгледа ковид-19 станува новото моќно оружје на меѓународната политичка сцена во борбата за превласт кај моќните светски играчи. Судејќи по ова, американскиот Сенат веќе се одлучи да поведе службена истрага против Кина и Светската здравствена организации (СЗО), како што соопшти неодамна, токму поради нивните „спорни“ улоги при справувањето со пандемијата.

Во соопштението на Сенатот, меѓу другото, се напоменува и дека при евентуален спор, Вашингтон ќе побарува од Пекинг дури и голем финансиски надомест за Америка, но и за преостанатиот дел од светот, токму поради загрозувањето на глобалната стабилност и економија од коронавирусот. Ова во своја анализа го наведува угледниот магазин „Геополитика“, во која авторката на анализата Ирина Метер прецизно ги опишува наодите на САД поради кои тие се потпираат во критиките и обвинувањата кон Кина дека коронавирусот е всушност излезен од кинеските лаборатории во земјата.

– Колку ситуацијата околу тие „игри“ е опасна и колку тоа денес ѝ се заканува на светската стабилност сведочат вестите од Москва, која, инаку, веднаш застана во заштита на официјален Пекинг, откако во јавноста беа спомнати истрагите од страна на американскиот Сенат. Да потсетиме дека веќе идниот ден шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изјави дека таквите антикинески обвинувања се нетемелни и неприфатливи. Меѓутоа, Русија многу веројатно нема да застане само на таа изјава – вели Метер.

Според „Геополитика“, руското министерство за надворешни работи преку зборовите на портпаролката Марија Захарова даде на знаење дека американските биолошки лабораториски центри, кои се наоѓаат надвор од Америка, може исто така да бидат ориентирани на производство на биохемиско оружје. Таквиот заклучок може да се извлече од речениците на Захарова дадени на пресот за новинари, одржан на 17 април, кога таа јавно истакна дека руското МНР обратило внимание на јакнењето на американското биохемиско присуство надвор од САД. Тоа, според зборовите на Захарова, постои и на териториите на поранешните советски републики, а Москва во таа насока не ја исклучува и можноста дека некои од нив би можеле да прават истражувања за почнување различни опасни болести, кои би можеле да бидат и за воени цели.

Како што пишува „Геополитика“, портпаролката Захарова во исто време ги потсети САД дека тие во Грузија имаат отворено американско-грузиски центар за истражување на јавното здравје, именуван „Ричард Лугар“, кој и службено е влезен во составот на американските воени сили во делот за надзор и ширење заразни болести и епидемии. Угледниот медиум потсетува дека портпаролката на руското МНР на пресот за новинари дополнително истакнала дека во тој ист центар во Грузија неодамна престојувале и претставници на Пентагон, кои на грузиските власти им предложиле дури и проширување на спектарот на активности во центарот за истражување за јавно здравје.

Во меѓувреме, иако официјален Тбилиси постојано соопштува дека тој американски центар им помага во борбата со епидемијата предизвикана од коронавирусот 24 часа дневно, Русија во тоа не е многу убедена, оценува „Геополитика“.
Од друга страна, властите во Москва сметаат дека за истражувањата што се одвиваат во истражувачкиот центар во Грузија со кои се занимаваат биолозите од Пентагон, присуство во лабораториите имаат исклучиво американски државјани што поседуваат дозвола за работа со тајни информации.

Дополнително, сите што имаат дипломатски статус во рамките на меѓувладиниот договор за американско-грузиската воена соработка потпишан уште во 2002 година се исто така ангажирани во истражувачкиот центар. Многу руски аналитичари сметаат дека дел од американските тајни агенти на Пентагон што се ангажирани во Грузија на приватните компании во земјата што се занимаваат со производство на биохемиски материјали им предале многу информации што не се потребни за цивилно производство на лекови и материјали.

Магазинот „Геополитика“ во својата анализа забележува дека во меѓусебните обвинувања поврзани со пандемијата предизвикана од ковид-19, кои глобалните велесили си ги упатуваат речиси секојдневно едни кон други, меѓу другото може да се забележи дека Русија во повеќето случаи отворено застанува на страната на Кина, која, пак, во западните медиуми се оценува како главен виновник за настанатата криза што е предизвикана од коронавирусот.