Корона-кризата го преобликува светот и таа трансформација би можела да биде трајна. Ковид-19 може да го промени начинот на кој ќе се дизајнираат рестораните, салите, баровите и парковите и како ќе ги користиме во иднина

Многу земји полека ги ублажуваат карантинските мерки и жителите се враќаат на старите места, кои сега им изгледаат непознато. Самите места не се сменија, но радикално се менува начинот на кој сега ни е дозволено да ги посетуваме, со маски и со избегнување масовни собири. Многу од овие промени може да се задржат подолго време. Дури и откако ќе се запре ширењето на коронавирусот, ризикот од нов бран зараза ќе остане сè додека не е достапна вакцина, а тој период може да биде од девет месеци до две години, според научниците. Исто така, тие предупредуваат дека други нови болести би можеле да го парализираат човештвото во иднина, како што тоа го стори коронавирусот во 2020 година.

За оние што работат на планирање на идните градови и јавни места, пандемијата е и застрашувачка закана, која бара итни мерки, но и можност да се размисли како да живееме, да се движиме или да се дружиме. Луѓето не се справуваат добро со изолацијата. Повеќе студии што ги анализираат последиците од карантинот за време на минатите епидемии откриле дека тој сериозно влијае врз менталното здравје. Враќањето на социјалните простори веднаш штом е безбедно да се стори тоа не е само финансиски приоритет туку е и начин да се грижиме за благосостојбата на луѓето и да помогнеме во закрепнување по глобалната криза.

Италија, како прва европска земја што воведе карантин и една од првите што сега полека ги ублажува мерките, будно се набљудува за експертите да можат да проценат што е одржливо на краток, а што на долг рок. Аналитичарот Симоне Дантонио вели дека Италија треба да го врати духот на заедницата наспроти културата на сомневање и страв. Тој тврди дека стравот од „другиот“ бил проблем и пред пандемијата, која само се влошил со ризикот од зараза.
– Закрепнувањето од кризата е можност да се почне одново, да се решат ризиците по јавното здравство и да се обнови изгубеното чувство на припадност кон заедницата – вели тој.
Тоа, според него, ќе значи и преиспитување на јавните простори и зелени површини и начинот на кој ќе се користат во иднина. Тој како пример ги наведува традиционалните пивски градини во Минхен, каде што луѓето пијат и јадат на долги маси на отворено. Во други градови тоа би можело да обезбеди услови за физичко дистанцирање при собири во групи.

Во Индија, која почнува полека да ги отвора продавниците и домашниот транспорт, сопственичката на ресторан во Гоа, Шефали Ганди, исто така смета дека организирањето на надворешниот простор ќе биде клучно.
– Во градовите како Мумбаи, луѓето веќе два месеци се заглавени во станови со големина на кутиче кибрит – вели таа, додавајќи дека луѓето во иднина задоволствата од општествениот живот ќе ги поврзуваат со местата на отворено. Без оглед дали рестораните и баровите имаат пристап на отворено или не, луѓето ќе треба да одржат безбедна далечина. Неодамнешните истражувања велат оти ја идентификуваа довербата како столб на социјалното и економското закрепнување. За да му се вратат на „нормалниот живот“ и да користат јавни или заеднички простори, луѓето мора да се чувствуваат физички безбедно и да веруваат дека другите се грижат за нивната безбедност, посочува Би-би-си.

Во рестораните, враќањето на довербата кај клиентите значи отворени кујни за да им се покаже дека нивната храна се приготвува според највисоки хигиенски стандарди. Другите безбедносни мерки веројатно ќе бидат дигитални. Џулијано Вита, коосновач на италијанската компанија „Дишкавери“, управува со колектив дигитални претприемачи, кои им помагаат на рестораните да воведат иновации во начинот на кој ги нудат своите услуги во ерата по ковид-19. Тој очекува бум на дигиталните менија, кои нема да се користат само за нарачка туку и при јадење во рестораните.
– Сопственикот ќе испечати кју-ар код на масата и клиентите можат да го визуализираат менито со едноставно скенирање со нивните телефони – вели тој.

Во спортските сали, вели Неха Moтвани, основач на онлајн-платформа за наоѓање сали за вежбање „Фитернети“, сопствениците може да ги елиминираат тушевите и соблекувалните, за да овозможат физичко растојание. Можеби, исто така, ќе го намалат бројот на посети за да може да ги исчистат просторот и опремата во текот на денот. За време на пандемијата, многу луѓе вежбаа во своите домови, земајќи часови на Интернет. Според него, интернет-вежбањето можеби ќе биде привлечно за многумина, но тоа сепак нема да ги замени традиционалните сали, каде што луѓето вежбаат и комуницираат.

– Ги анкетиравме нашите корисници и над 95 од нив велат дека едвај чекаат да им се отворат нивните сали. Тие сакаат лична комуникација со своите тренери. Тие го сакаат чувството на припадност на заедницата – вели тој.
Спортските сали сепак ќе изгледаат поинаку, вели Бен Хакни-Вилијамс, од „Ескејп фитнес“, компанија со седиште во Британија, која дизајнира и опремува спортски сали во повеќе од 80 земји. Пред пандемијата, повеќе луѓе рутински користеа иста опрема. Хакни-Вилијамс предвидува идните спортски сали да бидат поделени за секое лице да може да вежба без да дели опрема.

Според него, една добра работа од карантинот е што луѓето почнале да сфаќаат дека одржувањето во форма не значи дека секој ден треба да се оди во сала, туку дека може да се трча во парк или да се најде друга рутина за да се биде здрав.
Пандемијата нѐ принуди да ги реорганизираме заедничките простори, а карантинот се чини ни даде време да размислиме за тоа како сакаме да изгледа општествениот живот. Можеби ќе треба да се збогуваме со преполните барови, театри и спортски сали, но исто така имаме можност да го преиспитаме заедничкото живеење и од нула да ги дизајнираме овие простори.