Пандемијата на коронавирусот ја турка американската економија во рецесија, а економскиот пад во најголемата економија на планетата ќе предизвика потреси и врз сите други економии во глобализираниот свет, предупредуваат светските економски експерти. Истовремено, тие нагласуваат дека корона-рецесијата би можела да биде многу потешка од глобалната рецесијата од 2008 година и дека закрепнувањето би било уште побавно.
Уништен од коронавирусот, бруто-домашниот производ (БДП) на САД се намали на годишна стапка од 4,8 отсто во кварталот јануари-март, што сигнализира рецесија, покажуваат најновите економски податоци од САД.

Експертите предупредуваат дека економските показатели за САД ќе бидат уште полоши. Многубројните отпуштања и затворањето на бизнисите не се случија до самиот крај на првиот квартал, од 21 март кога САД почнаа да ги спроведуваат строгите карантински мерки и кога над 30 милиони луѓе ги загубија своите работни места. Канцеларијата за буџет на Конгресот на САД проценува дека економската активност ќе падне на годишна стапка од 40 отсто во кварталот од април до јуни. Извештајот на американската влада за БДП го покажа првиот квартален пад за шест години.

Тоа е и најостриот пад откако економијата се намали со годишна стапка од 8,4 отсто во четвртиот квартал на 2008-та, за време на „големата рецесија“ предизвикана од светската финансиска криза. Извештајот покажа дека главна причина за економскиот пад е намалувањето на потрошувачката, која претставува 70 отсто од економската активност.
Во меѓувреме, Меѓународниот монетарен фонд прогнозира американската економија годинава да забележи пад од 5,9 отсто. Најновите податоци покажуваат дека само за пет недели, бројот на барања за надомест поради невработеност го надмина бројот на работни места создадени во деценијата на економска експанзија што заврши во февруари. Истражувањата на центарот „Пју“ проценуваат дека 43 отсто од американските домаќинства се погодени или од загуба на работни места или од намалување на платите поради ковид-19, а тој процент надминува 50 отсто кај возрасните лица со пониски приходи.

Додека економските показатели и експерти најавуваат рецесија, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја уверува јавноста дека закрепнувањето ќе биде брзо откако ќе заврши здравствената криза. Американските власти прогнозираат дека економијата летово ќе се врати во нормала откако сојузните држави ќе ги укинат карантинските мерки. Канцеларијата за буџет на Конгресот неодамна објави проекции дека економијата повторно ќе започне да расте во втората половина од годинава, сепак признавајќи дека БДП нема да се врати на своето ниво пред пандемијата дури до 2022 година.

Повеќето економисти, пак, се согласни дека не треба да се има преоптимистички очекувања. Тие посочуваат дека коронавирусот би можел повторно да се врати откако ќе се отвори економијата, принудувајќи ги бизнисите пак да ги затворат своите врати. Исто така, повеќето луѓе – вработени и потрошувачи – ќе продолжат да бидат претпазливи да не се заразат и затоа не може да се очекува „нормално економско однесување“ и значајно економско закрепнување.

Кенет Рогоф, професор по економија на „Харвард“ и бивш главен економист на ММФ, посочува дека владите и централните банки во светот усвоија разни мерки и економски пакети за да го олеснат закрепнувањето, но истовремено нагласува дека тоа ќе биде тешко ако 20-30 отсто од работната сила во наредниот период биде ограничена од разни карантински мерки. Според Рогоф, во оптимистичко сценарио, дури и без вакцина, економијата би можела да се врати во нормала релативно брзо ако брзо се спроведат ефикасни здравствени третмани.

Но, посочува тој, без масовно тестирање и јасна визија за тоа како ќе изгледа „новата нормала“ во наредниот период, ќе биде тешко да се убедат бизнисите да инвестираат и да вработуваат, а тоа значи и многу потешко закрепнување, дури и во споредба со глобалната криза во 2008 година.