Италијанската владеачка партија Северна лига објави дека единствена алтернатива за сегашната коалициска влада се нови избори, откако одби да прифати уште едно преструктуирање при уште едно зголемување на разликите со коалицискиот партнер Пет ѕвезди.

Десничарската партија преку соопштение за јавноста кажа дека е бескорисно секојдневно да се влегува во кавги со коалициониот партнер и наброи неколку идеи во кои има сосема различна визија од партијата Пет ѕвезди, вклучувајќи ја инфраструктурата, даноците, правдата и односите со Европската Унија.

– Секој минат ден за нас е изгубен. Сметаме дека едниствена алтернатива за оваа влада е да им дозволи на Италијанците да се изјаснат на избори – стои во соопштението на Северна лига.

Коалициската влада вечра повторно беше пред нова можност за колапс, кога италијанскиот Сенат го одби предлогот на Пет ѕвезди за блокирање на изградбата нова железничка траса со Франција, со што се отвори патот за продолжување на долго оспоруваниот проект.

Движењето Пет ѕвезди е најголемата партија во италијанскиот парламент во моментов, но тие беа надгласани од комбинираните сили на Северна лига на Матео Салвини и опозициските партии од левицата и десницата.

Од друга страна, контроверзниот лидер Салвини во моментов се наоѓа на Јадранската ривиера каде покрај летниот одмор, тој се фотографира со поддржувачите, одржува митинзи и се јавува преку прес-конференции. Според пишувањата на медиумите, неговата партија сега има поддршка од 38 процентни поени, повеќе од двојно од гласовите што ги освои на изборите во 2018 година, па затоа е подготвен да оди на избори.