„Нова Македонија“ ја продолжува анализата на извештајот на Европската комисија околу предизвиците што стојат на патот на ЕУ во годините што доаѓаат. Според документот, најголеми закани и предизвици за Унијата во иднина ќе бидат климатските промени, економијата, како и технолошките трансформации на општествата

Анализа на извештајот на ЕК за идните стратегиски предизвици

Ризиците од климатските промени од ден на ден сѐ повеќе ги загрижуваат Европа и светот. Токму вакви застрашувачки информации неодамна публикува и Брисел во Извештајот за стратегиски прогнози на Европската комисија. Во документот на ЕУ стои дека предизвиците како недостигот од вода за пиење, конфликтите и миграцијата се очекува да се интензивираат во наредните неколку децении како резултат на зголемувањето на температурите на планетата Земја. Во публикацијата стои дека „со текот на времето се претпоставува дека ќе продолжи да расте притисокот од зголемена потреба за поголеми количества вода за пиење и храна“, а прашањето за недостигот од вода „ќе стане особено проблематично во јужното соседство на Европската Унија (ЕУ), што може да доведе до влошување на конфликтите и притисок врз доселувањето“. Според наодите, овие состојби во иднина може да предизвикаат „проблеми со количеството достапна храна и ценовни шокови“, како резултат на растечката конкурентност за вода и плодна почва, бидејќи „над 40 отсто од европскиот увоз на зеленчук би можел да стане особено ранлив на суши до 2050 година“.
Извештајот за стратегиски прогнози на ЕУ сепак нотира дека прогнозите на анализата „не се кристална топка“ и тие во суштина не можат со висок процент на прецизност да ги предвидат настаните што следуваат. Според Марош Шефчовиќ, европскиот комесар што е надлежен за меѓуинституционални односи и прогнози, целта на извештајот е да се обезбеди перспектива за иднината и ЕУ да може да одговори на предизвиците и да дејствува во наредните децении.

– Фокусот лани на ова истражување беше ставен на „отпорноста“ на ЕУ по крајот на глобалната пандемија на коронавирусот, годинашниот документ ја истражува „геополитичката димензија на таа отпорност“ – вели Шефчовиќ.
Според функционерот на ЕУ, фокусот на ефектите од климатските промени е во согласност со веќе поставените цели за реакција на Европската комисија, која е предводена од Урсула фон дер Лејен. Првата жена на ЕК во преден план на нејзината администрација на ЕК ја има поставено борбата против глобалното затоплување. Таа во еден скорашен говор од јуни порача дека „климатските промени се дефинирачкиот предизвик на нашето време“.
За потсетување, само неколку недели откако дојде на функцијата во 2019 година, Фон дер Лејен го претстави политичкиот патоказ наречен Европски зелен договор, во кој се претставени плановите за намалување на штетните емисии до нула до 2050 година и намалување на јаглеродните емисии за повеќе од половина до крајот на оваа деценија.
Инаку, во јули, извршната власт на ЕУ поднесе повеќе од десетина законски предлози со цел да ја стави Европа на пат да ги намали јаглеродните емисии за 55 отсто до 2030 година, во споредба со нивоата од 1990 година. Фон дер Лејен ја означи климатската политика на Европа како „нова стратегија за раст“, отстапувајќи од претходните европски лидери, кои отсекогаш ги гледаа еколошките политики и економскиот раст како донекаде спротивставени цели.

Томас Пелерин-Карлин, истражувач во институтот „Жак Делор“, на оваа тема рече дека ова може да биде „еден од новитетите“ во креирање на европските политики под водство на Фон дер Лејен. Тој за магазинот „Еурактив“ изјави дека „споредувајќи ја сегашната Европска комисија со претходната, сега јасен приоритет ѝ се дава на климата во хиерархијата на еколошките и енергетските цели“, притоа истакнувајќи дека „климатските промени се приоритет број еден“.
По климатските промени, следните најголеми предизвици на кои се укажува во извештајот се „дигиталната хиперповрзаност и технолошките трансформации“, како и притисоците врз демократијата и „промените во глобалниот поредок“, вклучувајќи ја и демографијата.
Инаку, извештајот за идната година ќе се фокусира на подобро разбирање на збратимувањето на зелените и дигиталните транзиции, односно како можат тие меѓусебно да се зајакнат, вклучувајќи преку новите технологии.