Во пресрет на климатскиот самит „КОП26“, поранешниот гувернер на американската сојузна држава Калифорнија, Арнолд Шварценегер, ги критикуваше властите за нивните климатски политики и недоволните напори во намалување на штетните емисии од јаглерод, пренесува „Би-би-си“.

Актерот познат по улогата во филмскиот серијал „Терминатор“ тврди дека континуираниот економски успех на Калифорнија и создавањето работни места докажаа дека намалувањето на јаглеродниот диоксид и зголемувањето на профитот, одат рака под рака.

– Оние кои не сакаат да направат промени, или се глупави, или се кукавици – изјави Шварценегер во интервјуто.

Тој стана поборник во борбата за чист воздух и обновлива енергија додека беше гувернер помеѓу 2003 и 2011 година, а негова цел беа намалување на издувните гасови и емисиите на стакленички гасови.

Во борбата против издувните гасови, Шварценегер предложи дека најважното нешто што можеме да го направиме е да купуваме локално.

– Купувајте локални производи. Секој пат кога купувате нешто од странство, тоа е лошо за околината – објаснува Шварценегер.

Во интервју за серијалот „Триесет и девет начини за спас на планетата“, Шварценегер се осврна на проблемите поврзани со климатските промени, на намалувањето на издувните гасови како и на успехот кој го постигнал додека бил гувернер на Калифорнија. Тој исто така се осврна и на консумирањето месо, посочувајќи дека да откажувањето или намалувањето на месото во исхраната не мора да значи „голема и страшна жртва“ од страна на луѓето.

– Откако јадам повеќе зеленчук и растителна храна, мојот кардиолог вели дека  артериите престанале да ми се стеснуваат. На тој начин го подобрив моето здравје, што ми дава дополнителни две години живот – тврди Шварценегер.