„Њујорк тајмс“ изнесе индикатори дека претседателот на САД вршел даночна евазија

Во финансиската документација на претседателот на САД, Доналд Трамп, се пронајдени елементи што укажуваат дека тој учествувал во „сомнителни даночни шеми за време на 1990-тите, вклучувајќи и случаи на директна измама“. Оваа констатација и низа објавени информации деновиве беа во фокусот на даночните експерти, но и на јавноста во САД

Во опширен извештај составен од 15.000 збора, за кој се вели дека е базиран на „огромна база на податоци за доверливи даночни пријави и финансиски прикази“, „Њујорк тајмс“ тврди дека Трамп им помагал на своите родители да избегнуваат плаќање даноци, дека тој со своите браќа и сестри основал лажна корпорација за да се „маскираат“ подароците од родителите и да избегнуваат даноци, како и дека е далеку од милијардер што самостојно успеал (како што самиот се претставува), туку дека многу ја користел дарежливоста на својот татко, кој често го спасувал од неговите пропаднати бизниси.

Меѓутоа, претседателот на САД, Доналд Трамп, едноставно го отфрли извештајот, пишувајќи ноншалантно на Твитер: „Неуспешниот ’Њујорк тајмс‘ направи нешто што досега го немам видено. Го употреби општото сфаќање на економскиот принцип ’денешниот долар вреди помалку од утрешниот долар‘ за да фабрикува уште една стара, здодевна и често раскажувана приказна против мене. Излегува дека 97 отсто од неговите приказни за мене се лоши. Никогаш не закрепнаа од лошата изборна одлука!“ Од друга страна, „Њујорк тајмс“ го потврди извештајот со жесток едиторијал насловен „Доналд Трамп и измамата што успеа самостојно“, прашувајќи го со подбив: „Ајде сега да ги видиме вашите даночни пријави, г. претседател“. Меѓутоа, немаше никакви знаци дека претседателот на САД има намера да одговори на извештајот, освен неговото отфрлање преку еден обичен твит.

Адвокатот и портпаролот на претседателот Трамп исто ја отфрлија приказната како лажна, па освен критичарите-либерали, кои жестоко ги напаѓаат неговите многубројни прекршоци, овие информации што протекоа во јавноста немаа никакво влијание врз базата на неговите поддржувачи. Според извештајот на „Њујорк тајмс“, фалбата на Трамп дека го „оплодил“ заемот од својот татко Фред Трамп (градежник и инвеститор) во висина од 1 милион долари, успевајќи потоа да ги создаде сам своите милиони, всушност е лажно саморекламирање. „Во сите периоди од животот на Трамп, неговите финансии биле длабоко поврзани и зависни од богатството на татко му“, се вели во извештајот, во кој се нагласува дека уште на 3-годишна возраст, Трамп заработувал денешни 200.000 долари годишно од империјата на својот татко. „Тој стана милионер на 8-годишна возраст. Кога наполни 17, неговиот татко му даде удел во сопствеништво на станбена зграда со 52 стана. Наскоро откако Трамп дипломира, почна редовно да добива по 1 милион долари годишно од татко му. Износот се зголемуваше во текот на годините, па стигна до 5 милиони долари годишно во периодот помеѓу 40 и 50-годишна возраст“, истакнува извештајот, во кој подробно се опишани и деталите од разните семејни стратегии за избегнување даноци и други финансиски обврски.

Во самиот извештај признаваат дека, според даночните експерти, малку е веројатно дека претседателот може да биде подложен на криминално судско гонење заради помош на своите родители во избегнувањето на даночните обврски, бидејќи делата се случиле премногу одамна и веќе се застарени.
„Сепак“, велат експертите дека „не постои временско ограничување за граѓанска парична глоба поради даночни измами.“ Н.Р.