Меѓународниот договор што го потпишаа Русија и Кина има цел да направи баланс на глобален план. Овој документ подразбира петгодишно продлабочување на економските, безбедносните, вселенските и политичките врски меѓу Москва и Пекинг

Пекинг и Москва го продолжија договорот за стратегиско партнерство

Развој на економијата, соработка во одбраната, заедничко позиционирање во геополитиката, но и заемни стратегии за освојување на вселената, се точките што од сега, па во иднина со новиот договор за стратегиско партнерство меѓу Москва и Пекинг ќе ги поврзуваат овие две велесили. Новиот документ, кој претставува надградба за иднината на релациите меѓу Русија и Кина, кои веќе беа регулирани со сличен договор и беше во сила изминативе 20 години, ќе донесе рамнотежа, но и стабилизирачка улога во светските превирања. Вака глобално светските магазини го опишаа продолжението на Договорот за пријателство меѓу Москва и Пекинг за наредните пет години. Имено, во тој контекст Кремљ вчера издаде и заедничко соопштение по повод 20-годишнината од договорот, по видеоразговорот меѓу претседателите на Русија и Кина, Владимир Путин и на Си Џинпинг.
– Во декларацијата исто така се посочува дека во февруари 2022 година, договорот автоматски ќе биде продолжен за нови пет години – изјавил Путин. Слично како рускиот претседател и кинескиот лидер продолжувањето на соработката меѓу двете земји ја оцени како неопходна и геополитички важна одлука во времиња кога Западот, на чело со САД, се обидува да создаде тензии меѓу Истокот и Западот.
– Во време кога светот влезе во период на превирања и промени, и кога човештвото се соочува со разни ризици, блиската кинеско-руска соработка донесе позитивна енергија на меѓународната заедница – рече Си Џинпинг, пренесе Кремљ.

Какви реакции предизвика договорот во „западната хемисфера“?

Сепак, додека светските агенции го пренесуваа историското продолжување, но и продлабочување на руско-кинеските односи, некои од западните медиуми алармираа за старо-новиот источен пакт. Имено, американскиот магазин „Нешенел интерест“ наведува дека за Западот би било попаметно да ги остави Русија и Кина да сфатат колку се всушност некомпатибилни партнери. Според магазинот, ваквиот чекор на западните демократии ќе го обелодени лажното пријателство и на површина ќе ги извади сите слабости на руско-кинеското пријателство, кое сега е од политички интерес и ништо повеќе.
– Во Вашингтон и во европските метрополи стануваат актуелни два поврзани наративи за Москва. Еден од нив е дека Русија е светска сила во опаѓање, не претставува опасност и веројатно нема да предизвика значителни проблеми. Другиот наратив е дека оваа ослабена Русија може и треба да биде убедена да се приклучи на трансатлантската заедница како дел од една поголема коалиција за ефикасно спротивставување на подемот на Кина. Но двата наратива имаат свои заблуди. Затоа САД треба здружено со своите сојузници да ја придобијат Русија по секоја цена, а единствена крајна цел би било стопирањето на економскиот подем на азискиот џин, Кина – оценува американскиот магазин. Според медиумот, ваквиот чекор на Западот да ја придобие Москва преку спуштањето на санкциите, но и нормализирањето на односите даде плод во меѓународната политика, а Кина истовремено ќе се ослабне на светската шаховска табла.

Чекори на Москва

Но Русија не е светска сила што ја губи моќта. Со над 600 милијарди долари во девизни резерви и распон на федералниот буџет во приходи и расходи од 248 до 284 милијарди долари за периодот од 2021 до 2023 година, Русија има добри ресурси за да ја проектира моќта во своите области од интерес. Па, така, според пишувањето на „Форин полиси“, заблудите на Западот дека можат да ги нарушат добрите односи меѓу Русија и Кина засега остануваат само во претпоставките.
– Но носителите на одлуки во Вашингтон, Париз, Берлин и на други места ги игнорираат овие реалности, бидејќи тие го прифаќаат ставот за „опаѓањето на моќта на Русија“ за да ја оправдаат стратегијата за соработка со Путин, бидејќи Си претставува поголема опасност. Народна Република Кина е навистина поголема закана. Нејзиното игнорирање на светските норми во управувањето и трговијата, основните човекови права на нејзините граѓани и тајванскиот суверенитет сериозно го загрозуваат светскиот поредок. Здружувањето на овие две велесили во наредната декада ќе биде опасен предизвик за спротивставување на Западот, кој засега е поделен и без визија – оценува магазинот.
Инаку, новото приближување на Кина и Русија, според експертите, се случува во време на тензии и растечка конкуренција меѓу Пекинг и Вашингтон и растечки руско-американски тензии. Па затоа Пекинг и Москва без двоумење со години се поврзуваат најпрво со „стратегиско партнерство“ од 1996 година и од 2001 година и со Договорот за пријателство, кое деновиве се продолжи и за наредните пет години.