Кинеската компанија „Хуавеи“ соопшти дека ги тужи САД поради забрана на федералните агенции да ја користат опремата на тој технолошки гигант.

– Конгресот на САД никогаш не беше во состојба да обезбеди какви било докази за да ги оправда своите ограничувања за производите на „Хуавеи“ – порача Гуо Пинг, еден од ротирачките претседатели на компанијата.

Во однос на тужбата, Гуо изјави дека „Хуавеи“ е принуден да преземе такви чекори. Тој исто така ги обвини САД за хакирање на серверот на „Хуавеи“ и кражба на мејлови.

Американските власти ја ограничија употребата на „Хуавеи“ и лобираа кај сојузниците да ја избегнуваат кинеската телекомуникациска компанија. Тужбата е дел од напорите на компанијата во последниве месеци да ги оспори тврдењата дека нејзините производи претставуваат безбедносен ризик.

Од друга страна, најновите податоци покажуваат дека трговскиот дефицит на САД во 2018 година достигна највисоко ниво во последната деценија, со рекорден минус со Кина, и покрај царините, кои администрацијата на претседателот Доналд Трамп ги воведе за да воспостави рамнотежа.

САД минатата година воведоа царини на кинески артикли во вредност од 250 милијарди долари, а Пекинг одговори за американски стоки во вредност од 11 милијарди долари. Американскиот трговски дефицит со Кина, сепак, се зголеми за 11,6 отсто, а сега изнесува 419,2 милијарди долари, најмногу во историјата. 


Галуп: Кина ја презема глобалната лидерска улога на САД

Глобалниот рејтинг на лидерството на САД и натаму е низок, околу 31 отсто во 2018 година, додека, пак, кинеското лидерство сѐ повеќе добива поддршка од светската јавност, и лани имало рејтинг од 34 отсто, покажуваат резултатите од истражувањето на Галуп.
Цел на истражувањето е ставот на возрасните лица во 133 држави за глобалната лидерска улога на САД, Кина, Германија и Русија. Рејтингот на американското лидерство забележа драматичен пад во првата година од мандатот на претседателот Доналд Трамп.