Кинескиот научник кој минатата година го шокираше светот со создавањето на првото „генетски модифицирани“ бебе, е осуден на три години затвор, поради незаконска медицинска пракса, објави агенцијата „Синхуа“.

Научникот Хи Јианкуи објави лани дека со методот на преправање на гените, познат како КРИСПР/Кас 9, во постапка на медицинско потпомогнато оплодување успеал да создаде генетски модифицирано девојче, така што во иднина да не се зарази со вирусот ХИВ, со кој бил зарзен нејзиниот татко.

Тогаш, како надворешен професор на јужниот универзитет за наука и технологија во Шенжен, тој ги згрози научните кругови, а кинеската влада нареди прекин на таквите истражувања и отвори истрага против него.

Хи е осуден пред судот во Шенжен, бидејќи „противзаконски спроведувал постапка на генетски модифициран ембрион во репродуктивни цели“, објави официјалната кинеска агенција.

Три генетски модифицирани бебиња се родени како резултат на тие истражувања. Кинеските власти годинава потврдија дека уште една жена носела дете со модифицирани РНА, освен двете близначки, но раѓањето на тоа дете не е потврдено, пишува АФП.