Кинескиот амбасадор во Израел, Ду Веи, е пронајден мртов во неговиот стан северно од Тел Авив, соопштија вчера израелските власти. Тие посочија дека израелската полиција почнала истрага и дека првичните сознанија не сугерираат дека станува збор за убиство. Ду (57) беше назначен за амбасадор во февруари, откако претходно служеше како дипломатски претставник на Кина во Украина.

Амбасадорот бил оженет и имал син, но неговото семејство требало допрва да му се придружи во Израел. Тој живеел во едно предградие на Тел Авив. Портпаролот на израелската полиција за Ројтерс изјави дека полициските единици се на местото на настанот и дека го испитуваат случајот. Израелската телевизија Канал 12, цитирајќи неименувани медицински извори, објави дека првичните индикации се дека Ду починал во сон од природни причини.

Во порака објавена на веб-страницата на Амбасадата веднаш по неговото назначување за амбасадор, Ду ги пофали односите меѓу Кина и Израел. Откако пристигна во Израел на 15 февруари, Ду мораше да се изолира две недели поради мерките за ковид-19. Во едно интервју, Ду рече дека Кина е жртвено јагне во светот. Тој нагласи дека повеќепати низ историјата одредена група е обвинувана дека шири пандемија и порача дека тоа треба да се осуди.

– Болеста е непријател на човештвото и светот треба да се бори заедно – рече тој.
Неговата амбасада минатата недела го нападна американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој при посетата на Израел го критикуваше начинот на кој Кина се справува со ковид-19. Амбасадата на Кина во Израел ги осуди „апсурдните коментари“ на Помпео, негирајќи дека Кина ја прикривала кризата.