Кинеската вселенска мисија „Чанг-5“ се врати на Земјата, носејќи товар од камења и почва собрани од Месечината. Тоа е прв таков материјал што пристигнал на Земјата од 1976 година, пренесуваат светските медиуми.

Се очекува донесените примероци да дадат нови видувања во геологијата и раната историја на природниот сателит на нашата планета. Капсулата се спушти во кинескиот регион Внатрешна Монголија и потоа брзо беше лоцирана од хеликоптер со инфрацрвени камери.

Мисијата „Чанг-5“ била лансирана на крајот на ноември, а двата модула се спуштиле на Месечината на 1 декември, при што собрале примероци од површината и од внатрешноста, правејќи дупка од два метра под месечевата кора. Не се знае точно колкаво количество материјал е собрано, само се проценува меѓу два и четири килограми. Примероците се складирани во запечатен контејнер и однесени до модул во орбитата кој ги донел на Земјата.

Околу 400 килограми материјал од Месечината се донесени од свемирските американски и советски мисии од 1969 до 1976 година, но сите овие примероци се стари повеќе од три милијарди години. Кинеската мисија се насочи на терен каде што примероците се стари 1,2 или 1,3 милијарди години.