Кина ги објави своите планови за проширување на експерименталната програма за менување на временските услови на површина од над 5,5 милиони квадратни километри која е поголема од површината на Индија, пренесува Си-ен-ен.

Според изјавата на Државниот совет, Кина ќе има „веќе развиен систем за промена на времето“ до 2025 година, благодарение на напредокот во основното истражување и клучните технологии, како и подобрувањата во „сеопфатната превенција од безбедносни ризици“.

Во следните пет години, вкупната површина опфатена со вештачки дожд или снежни врнежи ќе достигне 5,5 милиони квадратни километри, додека над 580.000 квадратни километри ќе бидат опфатени со технологиите за сузбивање град. Во соопштението на кинескиот Државен совет се додава дека програмата ќе помогне при олеснување на катастрофи, земјоделското производство, итни реакции на пожари во шуми и пасишта и при справување со енормно високи температури или суши.

Кина долго време се обидува да ги контролира временските услови за да ги заштити земјоделските области и да обезбеди ведро небо за важни настани, применувајќи ја техниката за т.н. засејување на облаци пред Летните олимписки игри во Пекинг во 2008 година, за да го намали смогот и да избегне дожд пред почетокот на натпреварувањата. Клучните политички состаноци одржани во кинеската престолнина се познати по тоа што се секогаш се одржуваат при ведро небо, благодарение на промената на временските услови, како и поради затворањето на фабрики во близина на местата каде се одржуваат средбите.

Како концепт, засејувањето на облаци постои со децении. Функционира така што се инјектираат мали количества на сребрен јодид во облаците со многу влага, што потоа се кондензира околу новите честички, кои пак, стануваат потешки и на крајот се претвораат во врнежи.

Една студија финансирана од Националната фондација за наука на САД, објавена претходно годинава, покажаа дека „засејувањето на облак може да ги зајакне врнежите од снег низ широко подрачје, доколку атмосферските услови се поволни“. Студијата е една од првите што успеа да утврди дека засејувањето на облаци функционира, бидејќи претходно беше тешко да се разликуваат врнежите создадени како резултат на вообичаените снежни врнежи.

Таа несигурност не ја спречи Кина да инвестира многу во технологијата: помеѓу 2012 и 2017 година, земјата потроши над 1,34 милијарди долари на разни програми за промена на временските услови. Минатата година, според државната новинска агенција „Синхуа“, манипулирањето со временските услови помогнало да се намалат 70 отсто од штетите од град во кинескиот западен регион Синџијанг, клучна земјоделска област.

И додека други држави исто така инвестираат во засејување на облаци, вклучително и САД, ентузијазмот на Кина за оваа технологијата го запали алармот особено во соседна Индија, каде земјоделството е во голема мера зависно од монсуните, кои се веќе нарушени и стануваат помалку предвидливи како резултат на климатските промени.

Индија и Кина неодамна се соочија воена разврска за нивната заедничка и спорна граница на Хималаите, при што двете страни учествуваа во еден најкрвав судир во последните неколку децении оваа година. Со години се шпекулира во Индија дека промените на временските услови може потенцијално да и даде на Кина предност во иден конфликт, со оглед на важноста на условите за било какво движење на војската во суровиот планински регион.

Иако примарниот фокус на промените на временските услови во Пекинг се чини дека е домашена употреба, експертите предупредуваат дека постои потенцијал за влијание надвор од државните граници на Кина.

Минатата година, истражувачите од Националниот универзитет во Тајван во труд наведоа дека „недостатокот на соодветна координација на активноста за промените на временските услови може да доведе до обвиненија за „кражба на дожд меѓу соседните региони, како во Кина, така и со други држави“. Тие исто така укажаа на недостатокот на „систем на проверки и урамнотеженост за да се олесни спроведувањето на потенцијалните контроверзни проекти“.

 – Научните докази и политичката оправданост за промените на временските услови не се предмет на дебата или широка дискусија во Кина. Покрај тоа, склоноста на раководството за технолошка интервенција во припитомување на различни временски системи ретко се оспорува од алтернативни гледишта – напишале авторите.