Кинеските власти ја предупредија Британија да не се меша во внатрешните работи на Хонгконг, каде што се одржуваат масовни улични демонстрации. Реакцијата на официјален Пекинг следува откако британското МНР претходно изрази голема загриженост поради протестите во Хонгконг. Кина веќе неколкупати предупреди дека демонстрациите имаат поддршка од Западот, пренесуваат светските медиуми.

Шефот на британската дипломатија, Доминик Раб, претходно телефонски разговараше со премиерката на Хонгконг, Кери Лам, при што побара независна истрага за насилството во текот на протестите против Владата, кои траат речиси два месеци. Властите во Пекинг остро реагираа на ваквиот повик од Раб.

– Кина официјално ја повикува Британија веднаш да ги запре сите акции на мешање во прашањата на Хонгконг и во внатрешните прашања на Кина. Одлуката на Раб да ја повика Кери Лам е погрешна – се наведува во соопштението на кинеското МНР.
Во Хонгконг вчера беа организирани одвоени протести на граѓаните што демонстрираат против локалните власти, а нивниот револт беше предизвикан од најавата за усвојување закон за екстрадиција на осомничени во Кина. Едниот собир се одржа во централниот дел на градот, додека, пак, другите протести беа кај пристаништето Викторија. Демонстрантите носеле плакати со пораки „Вратете ни го Хонгконг“ и „Повлечете го лошиот закон“.

Масовните протести во Хонгконг почнаа во почетокот од јуни, а противниците на законот за екстрадиција тврдат дека тој претставува закана за слободите на градот, гарантирани во период од 50 години, по 1997 година, кога Кина повторно ја презеде контролата над оваа бивша британска колонија. И покрај тоа што законот во меѓувреме беше суспендиран, протестите продолжија, а демонстрантите бараат оставка на премиерката Лам и спроведување итна истрага за тоа дали полицијата употребила прекумерна сила при задушувањето на уличните демонстрации.