Кина ја отвори северната страна на Монт Еверест за 38 планинари кои ќе бидат тестирани на ковид-19 и ќе мора да одржуваат растојание додека се искачуваат на највисокиот врв во светот.

Непал и Кина претходно ја затворија планината за странски туристи поради пандемијата, а оваа сезона Непал сепак им дозволи на странците да се искачуваат и покрај зголемувањето на бројот на пациенти, а најмалку еден алпинист, Норвежанец минатиот месец потврди дека се разболел од ковид-19.

Непалските планинари негираа дека на планината избувнале жаришта, наведувајќи дека биле пријавени само случаи на висинска болест и други симптоми поврзани со студени, тешки услови каде што тие биле збиени заедно во шатори.

Оваа недела Непал ги прекина сите летови како дел од строгите мерки на Катманду за спречување на ширењето на коронавирусот.

Од друга страна, Кина, каде што локалното пренесување е главно запрено, ги задржа ограничувачките мерки, како што се здравствените проверки и е во состојба на претпазливост кога станува збор за „увезените“ случаи на ковид-19.

Планинарите кои добиле кинески дозволи за искачување на Монт Еверест, мора да доаѓаат од кинески делови и да покажат дека се здрави, пред да тргнат на пешачење до врвот, соопштија денеска кинеските државни медиуми.

Тие ќе треба да поминат редовни проверки на телесната температура, да користат кислород од боца и да бидат оддалечени четири метри од следниот алпинист. Ќе им бидат дадени маски, термометри и средства за дезинфекција, пренесува АП.